Курти: Можно е да ја преиспитаме одлуката за косовска Амбасада во Ерусалим

Од:

Лидерот на партијата Движење Самоопределување (ВВ), Албин Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово, по победата на неговата партија на парламентарните избори на 14 февруари, на денешната средба со амбасадорот на Република Турција во земјата, Чагри Сакар најави дека е можно да ја преиспита одлуката на претходната влада за отворање амбасада во Ерусалим.

На овој начин, како што јави дописникот на МИА од Приштина, Курти одговори на барањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој во писмо веднаш по изборите побара од Курти како иден премиер да ја поништи претходната одлука на Владата на Авдулах Хоти за признавање на Ерусалим за главен град на Израел.

Според соопштението објавено на официјалната страница на ВВ на Фејсбук, Курти на средбата со амбасадорот Сакар го нагласил зачењето за Косово на признавањето на неговата независност од страна на Израел, но најавил дека ќе ја разгледа одлуката за местото каде што ќе се наоѓа амбасадата.

– Признавањето и воспоставувањето дипломатски односи со израелската држава е мошне значајно за Косово и претставува добра можност за развој, а што се однесува до местото каде ќе се отвори амбасадата, тоа е прашање кое ќе се разгледа откако ќе ја видиме и документацијата на владата во заминување, го цитира ВВ својот лидер.

Турскиот амбасадор, се вели натаму во соопштението, му честитал на Курти за изборните резултати и го нагласил интересот на Анкара за соработка со новата влада во Приштина, додека идниот косовски премиер порачал дека во односите со Турција ќе се фокусира на зголемување на билатералната соработка, посебно во областа на економскиот развој.

Веднаш по писмото од Ердоган, Курти доби официјална покана од Израелскиот премиер Бењамин Нетанјаху да присуствува „на свечениот чин на отворањето косовско дипломатско претставништво во Ерусалим“.

По овие писма, во косовската јавност се поведе дискусија за тоа дали идниот премиер треба да се приклони кон Турција, како традиционален сојузник, или пак кон Израел, на што инсистираше официјален Вашингтон во време на претседателот Доналд Трамп, со оглед дека САД се најбитниот и најсилниот сојузник на Косово.

Би можело да ве интересира

Трудо: Канада ќе ја почитува пресудата на Меѓународниот кривичен суд за Нетанјаху, Галант и Ал Масри

Бејрут и денеска е цел на израелската армија

ОН: Израелските доселеници протераа повеќе од 1.720 Палестинци од Западниот Брег

Бајден: Издавањето налог за апсење на израелски лидер е срамота

Горан Наумовски

Најмалку 47 лица загинаа, а 22 се ранети во израелски напад врз Балбек-Хермел во Либан

Израел и Хезболах продолжуваат да се борат и покрај преговорите