Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев му испрати писмо на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кое побара да им се дозволи на македонските граѓани кои сакаат да се вакцинираат против Ковид-19, тоа да го сторат во Србија.
Еве го во целост писмото на Бачев до српскиот лидер:
„Господин претседателе,
Дозволете ми најпрвин од името на Единствена Македонија и од свое лично име, да Ви честитам на големото лидерство кое го покажавте во регионот и пошироко, а не е претерано ако кажам и во светски рамки, затоа што ништо не препуштивте на случајноста и навремено извршивте набавка на вакцини против КОВИД – 19 за народот на Србија.
Во ова тешко време на здравствена криза со КОВИД – 19 сметав дека е корисно да побарам од Вас да им овозможите на Македонците кои сакаат да се вакцинират, да можат тоа да го сторат во Република Србија. А сметав за корисно затоа што владата на Република Македонија покажа дека нема институционален капацитет за справување со кризата со Ковид – 19 и нема обезбедено ниту една вакцина, и во овој момент е во очајнички обид со просење и молење по државите во светот да обезбеди вакцини, со што го нарушува угледот и достоинството на мојот македонски народ и мојата држава.
Единствена Македонија придава исклучиво значење за сеопфатна соработка со Србија, а заложбата за нејзино остварување претставува посебен интерес за Единствена Македонија, македонскиот народ и поголем дел од малцинствата во Република Македонија. Истовремено, чуствителни сме околу Вашата загриженост за неколку погрешни потези на владата во Скопје за прашања од највисоко национално и државно значење за Србија. Но сакам силно да ве уверам дека тоа не ја одразува волјата на македонскиот народ кој е пријател на Република Србија.
Сега е најважно здравјето на народот. Здравјето не трпи политички калкулации. Став на Единствена Македонија во однос на вакцините против КОВИД-19 е избор меѓу повеќа вакцини и вакцинирањето да биде лична одлука на секој поединец. Позитивен чекор од ваша страна за можноста Македонците да се вакцинираат во Србија е доказ за големото пријателство помеѓу двете земји. Затоа искрено верувам дека ќе излезете во пресрет на барањето од Единствена Македонија и пријателскиот македонски народ за вакцинирање на Македонците во Србија.
Се надевам на континуиран развој на срдечни и продуктивни односи меѓу народот на Република Србија и народот на Република Македонија.
Со особена чест, д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија,“ го завршува Бачев писмото до Вучиќ.