Меѓународниот тим кинески експерти и експерти од Светската здравствена организација соопшти дека животното од кое потекнува коронавирусот не е пронајдено и оти нема индиции дека бил присутен во кинескиот град Вухан многу порано пред да биде откриен.
Преносот од животното е веројатен, но „сè уште не е идентификувано“, изјави на прес-конференцијата шефот на делегацијата кинески научници, Лианг Ваниан.
– Нема доволно докази за да се утврди дека Sars-Cov-2 се проширил во Вухан пред декември 2019 година, рече Лианг.
Шефот на делегацијата на СЗО, Питер Бен Ембарек, изјави дека пренесувањето на коронавирус од првото животно, а потоа и од второ животно како посредник пред да се прошири на луѓето, е „најверојатната“ хипотеза.
Сепак, тоа бара „поконкретно и насочено истражување“, рече тој.
Ембарек исто така оцени дека хипотезата оти коронавирусот „избегал“ од лабораторија е „крајно неверојатна“.
Првите случаи на коронавирус беа регистрирани во декември 2019 година во Вухан, а епидемијата потоа се прошири во целиот свет. До денес, повеќе од 2,3 милиони луѓе ширум светот починаа од Ковид-19.