„СОС Детско село“ доби донација од 350 илјади денари од издавачката куќа „Арс Ламина“ и авторот Зоран Спасов – Ѕоф.
Средствата се собрани преку кампањата „Донирај и добиј книга“, спроведена во ноември лани која ја иницираа Ѕоф, автор на романот „Тито, мојот претпоследен херој“ и издавачката куќа, со цел вкупните средства од продажбата на првиот тираж (од 1000 примероци), вклучително и средствата од авторските права да ги донираат за потребите на децата, младите и семејствата во ризик, поддржани од „СОС Детско село“.
Како што информираат од СОС Детското село, донаторите предале чек со вредност од 350.000 денари на директорката Јулијана Накова Гапо, а имале можност да посетат и една од куќите и да се запознаат со едно од семејствата.
Според директорката Гапо, дарежливоста и солидарноста имаат круцијална улога во овој период, особено поради влијанието од пандемијата на Ковид-19.
– Благодарни сме што добивме партнери како авторот Зоран Спасов-Sоф и издавачката куќа „Арс Ламина“, кои покажаа исклучителна сензибилност за важноста на помагањето во време на пандемија. Преку нивната акција ја покажаа нивната солидарност, но и индиректно ја промовираа потребата за солидарност помеѓу граѓаните и важноста да се помага на најранливите категории – децата и семејствата во социјален ризик, истакнала Гапо.