Повик во струшката Брза помош ноќта на 1 февруари, не навестил за драмата која следувала во возилото, каде екипата на свет донела здраво машко новороденче.
Докторот Васко Дулески и медицинската сестра Семра Бајрамоска раскажауваат за новото искуство во кое породиле жена во возилото на Брзата помош на регионалниот пат Струга – Дебар, во близина на езерото Глобочица.
-Добивме повик од дебарската полиција дека родилка од село од Центар Жупа, доаѓа кон струшката болница со приватно возило, со контракции за породување. Не чекавме ниту минута. Тргнавме веднаш, а попатно ги информиравме и на одделот за гинекологија. Возилото со родилката го сретнавме некаде кај Глобочица. Кога ја преземавме жената породувањето веќе беше започнато, раскажува сестра Семра.
За ризикот во целата ситуација, зборува докторот Дулески, кој по процената дека не може да чека да стигнат во болница, ја преземал работата во свои раце, со помош на тимот и на телефонска врска со неговата сестра, која е акушерка во гинеколошкото одделение.
-Не сум гинеколог, но моравме да реагираме, за да не е предоцна. Бебето почнало да излегува и знаевме дека е ризично и не може да чека. Породувањето го направивме во возилото, со инструкции на мојата сестра, која е акушерка, објаснува Дулески.
По раѓањето бебето немало срцева акција и не дишело. Па цел пат го реанимирале, за на крај да го слушнат плачот.
-Мајката и бебето се здрави и живи и во добра здравствена состојба, а тоа не прави најсреќни. Сме имале многу интересни случаи, но ваков со родилка, не. Жената, на возраст од 22 години беше со нерегулирана бременост. Од почетокот на чинот на раѓање неколку пати го враќала бебето, што предизвикало деформитети од притисокот. На крај се добро заврши, раскажува докторот.
Тимот од струшката Брза помош посочува дека имале и други слични повици, кога носеле родилки, но вакво искуство немале иако во професијата често се среќаваат со несекојдневни настани.