Италијанскиот фудбалски сојуз (ФИЦГ) отвори денеска истрага во врска со вербалниот инцидент меѓу Златан Ибрахимовиќ и Ромелу Лукаку за време на минатонеделниот дуел меѓу Милан и Интер во рамки на националниот куп.
Напаѓачите на италијанските прволигаши од Милано влегоа во вербален конфликт пред крајот на првото полувреме, кога двајцата поранешни соиграчи од Манчестер јунајтед разменија мноштво навредливи зборови.
Инцидентот на теренот на крајот мораа да го прекинат нивните соиграчи, а вербалното пречкање продолжи и на пат кон соблекувалните.
Италијанските медиуми објавија дека Ибрахимовиќ го навредувал Лукаку врз расна основа, што напаѓачот на Милан го демантираше преку социјалните мрежи.
-Сојузниот обвинител Џузепе Чине претпладнево отвори истрага поврзана со вербалниот дуел меѓу Златан Ибрахимовиќ и Ромелу Лукаку. Како дел од истрагата во текот на денот ќе биде испрашан и судијата на натпреварот Паоло Валери со цел да се разјаснат дисциплинските мерки што ги презел против играчите за време на мечот“, соопшти ФИЦГ.
На двајцата играчи во петокот им беше изречена суспензија во траење од по еден натпревар поради инцидентот.