Ексминистерката Гордана Јанкулоска не е ангажирана во изработка на интерниот затворски весник, бидејќи нема време поради тоа што е постојано на суд. Таа изрази желба да работи, откако беше спроведена во затворот. Од приемното одделение каде беше сместена на крајот од септември минатата година, сега е во затворско одделение. Таа е сместена сама во соба, а се движи во кругот на женскиот затвор, под надзор од службите. Јанкулоска може да прима посети во затворот, а другите затвореници кои подолг период не можеа да користат слободни викенди – сега таа привилегија им е повторно овозможена.
„Таа е нонстоп на суд. Повеќе време поминува на суд. Нема промени, немам примедби, не сум видел дека има проблем таму. Овде сум официјално од 21 декември. Се пристапува превентивно во однос на нејзината безбедност, исто како на почетокот. Мојата информација е дека е сама во соба. Тоа е безбедносна проценка, затоа што ако се случи нешто што ќе правиме? Станува збор за поранешен функционер. Нема шетање надвор од женскиот затвор, само во кругот со други, под надзор од службата“, вели директорот Јовица Стојановиќ.
Ексминистерката Јанкулоска беше осудена на шест години затвор во случајот „Тенк“, а пак, Апелациониот суд и ја намали казната на четири години.
Погодности добиваат и останатите затвореници, на кои со месеци им беше забрането да го напуштаат затворот и да одат на викенд, поради коронавирусот. Сега во затворот „Идризово“ нема заразени, а се преземаат мерки за спречување на ширење на заразата. Погодности добиваат 300 лица.
„Почнавме да пуштаме погодности, очекуваме кога ќе се вратат од дома, дека е можно да имаме заразени. Веднаш изолираме, таму каде има заразени. Надвор е потешка контролата, овде штом се детектира, се испитува, ако е позитивен се изолира, а кај што престојувал се става под карантин“, додава директорот.
Тој посочува дека затворската управа презема се за да ги заштити затворениците од коронавирусот. Затворениците ќе бидат пуштани да ги искористат погодностите во три групи, а станува збор за 300 лица кои опслужуваат казна. Последниот случај на заразен е евидентиран крајот на минатата година. Во „Идризово“ имаше еден смртен случај и 31 заразен. Во кругот на затворот се работи и на зголемување на безбедноста.