Претседателот на Танзанија Џон Магуфули денеска изјави дека на неговата земја не ѝ треба карантин затоа што Господ ги штити жителите од коронавирусот и оти домашните „лекови“ како што е вдишување водена пареа, се поефикасни од вакцините.
– Вакцините не се добри. Ако беа такви, тогаш Белиот човек ќе направеше вакцина за ХИВ/СИДА, рече Магуфули во говор во западниот дел на земјата.
Во Танзанија, земја со околу 58 милиони жители, од почетокот на пандемијата официјално се регистрирани само 509 лица заразени со коронавирусот и 21 смртен случај.
Соседна Кенија, која има 47,6 милиони жители, има пријавено 100.000 заразени и 1700 починати.
– Ние Танзанијците не се затворивме и не очекуваме да го сториме тоа. Не мислам дека некој ќе прогласи општ карантин затоа што нашиот Бог е жив и тој ќе продолжи да нè штити, рече Магуфули на свечено отворање на нова фарма во неговиот роден град во областа Чато.
– Исто така, ние ќе продолжиме да преземаме превентивни мерки, вклучително и вдишување пареа. Вдишувајте додека се молите на Бога, молете сè додека одгледувате пченка, компир, за да можете да јадете добро и коронавирусот да не може да влезе во вашето тело. Многумина ќе ве исплашат, мои Танзанци, но мора цврсто да истраете, додаде тој.