Бројот на случаи на луѓе заразени со коронавирусот во светот вечерва надмина 100 милиони, покажуваат податоците на страниците кои ги бројат инфицираните и починатите во пандемијата. Во многу земји, состојбата е и натаму критична, а Светската здравствена организација предупредува дека со ова темпо, вакцинацијата нема да биде доволна да ја скроти пандемијата и во следната година.
Од почетокот на глобалната епидемија, на стартот на минатата година, во светот се регистрирани 100.084.449 случаи на Ковид-19, додека како последица од вирусот починале 2.144.851 пациент.
Од Ковид-19 досега се излекувани 72.018.275 луѓе.
Најголем број смртни случаи имаат САД (речиси 430.000), потоа следуваат Бразил (217.000), Индија (153.000), Мексико (149.000) и Велика Британија (98.000).