Вчерашниот пожар во фабриката за преработка на пилешко месо во кинеската провинција Џилин, при што загинаа 120 лица, повторно ја поттикна расправата за почитувањето на стандардите за безбедност при работа во Кина.
Според кинеските медиуми, во несреќи на работни места само во текот на минатата година загинале околу 71.000 Кинези. Податоците на кинеските власти сепак покажуваат дека во последнтие пет години бројот на загинати при несреќи на работни места е намален за 30.000.
Експертите проценуваат дека главни причини за несреќите на работните места во Кина се „недостигот на свест за безбедноста при работа и недоволните контроли“.
Според нив, несреќите на работните места, непочитувањето на принципите за безбедност на храната и зголемувањето на еколошките проблеми ја прават Кина земја несигурна за живеење.
За несреќите на работните места најчесто како виновници се посочуваат самите компании, кои за да го зголемат профитот, безбедноста ја имаат сведено на минимум.
Властите оценуваат дека компаниите треба „да се откажат од полнењето на своите џебови“ со цел да се спречат трагедии на работните места и да се зачуваат човечките животи. Иако повеќето компании тврдат дека безбедноста на работните места во нивните објекти е добра, сепак експертите оценуваат дека сопствениците на фабриките се уште не научиле да ги почитуваат животите на своите работници.
Само во последниве два месеци во несреќи во кинески фабрики и рудници загинаа над 230 лица. Покрај вчерашната несреќа во Џилин, при пожар во фабрика за експлозивни материјали во провинцијата Шандонг на 20 мај загинаа 33 лица. Пред тоа, на 11 мај во несреќа во рудник за јаглен во провинцијата Сечуан загинаа 28 рудари, додека во неколку рударски несреќи во Џилин во последниве два месеци животите ги загубија 53 лица.