Повеќе од 600 новинари починаа од Ковид-19 во 59 земји во текот на десетте месеци од 2020 година, соопшти денеска меѓународната невладина организација Прес емблем кампањ – ПЕЦ.
„Од 602 новинари кои починаа од Ковид-19 од 1 март, Латинска Америка забележа најмногу случаи, односно повеќе од половина или 303 смртни случаи“, се наведува во соопштението на ПЕЦ.
Азија ја следи Латинска Америка со 145 смртни случаи, пред Европа со 94, Северна Америка со 32 и Африка со 28.
– Поради својата професија, новинарите кои одат на терен се особено изложени на вирусот. Некои од нив, особено фриленсерите и фотографите, не можат да работат од дома, изјави генералниот секретар на ПЕЦ, Блез Лепен.
Според Перуанското национално здружение на новинари, Перу е земја со најголем број смртни случаи, каде што од март починаа 93 медиумски работници. Бразил е втор со 55 жртви, пред Индија со 53 смртни случаи и Мексико со 45. Во Еквадор имаше 42 смртни случаи, а во Бангладеш – 41.
Соединетите Американски Држави регистрираа 31 жртва во медиумите од Ковид-19. Во Пакистан има 22, во Панама 11 и во Боливија девет смртни случаи на медиумски работници.
Од европските земји, Италија забележа најголем број починати новинари – 37, следи Турција со 17 и Велика Британија со 13 случаи. Во другите земји има помал број смртни случаи од Ковид-19 во медиумите.