Попова Шапка и Брезовица како еден заеднички скијачки центар ќе се обидат да привлечат повеќе туристи, како и потенцијални инвеститори, најави министерот за економија Крешник Бектеши по денешната средба во Скопје со косовскиот министер за трговија и индустрија Весел Красниќи.
-Го известив министерот Красниќи дека ние веќе ја завршивме физибилити студијата и „дју дилиџенс“ анализата и сме подготвени и како Влада и како ЕЛЕМ-турс на почетокот на наредната година во моментот кога ќе добиеме информација од косовската страна заеднички да настапиме со цел да поттикнеме што посериозни инвеститори со големо искуство во делот на развој на ски центри. Очекуваме дека меморандумот само ќе го олесни продлабочувањето на соработката во делот на туризмот и ќе ги поттикне сите сериозни инвеститори да покажат интерес и да инвестираат во ски центарот, рече Бектеши на прес-конференцијата по средбата.
На средбата, како што посочи, станало збор и за продлабочување на соработката меѓу двете земји, а ги разгледале и сите меморандуми и договори во делот на туризмот, претприемништвото, иновациите и развојот на технологии, но и во делот на производите од наменско производство што треба да се потпишат на заедничката седница на двете влади што наскоро треба да се одржи.
-Разговаравме за заеднички да настапиме во ЕУ фондовите, посебно во делот на дигитализацијата и во делот на поттикнување на технолошкиот развој и иновациите со цел да ја зајакнеме конкурентноста на нашите компании. Стана збор и за „One Stop Shop“. Пред неколку месеци е потпишан договор за признавање на фитосанитарните сертификати кои во минатото претставуваа поголем проблем како бариера поставена од двете држави. Очекуваме дека во најкраток можен рок ќе имаме „One Stop Shop“ и со Република Косово како што сме заинтересирани да имаме и со другите соседи, потенцира Бектеши.
Министерот Красниќи посочи дека се планира на 25 јануари да бидат потпишани неколку договори важни за економијата и трговијата на двете земји и додаде дека тоа ќе се направи без разлика кој ќе биде министер по вчерашната одлуката на Уставниот суд, зашто, како што рече, договорите се одамна подготвени и во нивата подготовка учествувале тимови од различни влади.
-Разговаравме за многу теми и многу соработки. Се надевам дека многу брзо ќе се потпишат неколку договори, а меѓу нив и договорот Република Косово и планинското место Брезовица туристички да се спојат со Попова Шапка за да понудиме заедничка понуда за туристи и на некој начин да ги поврзиме овие две места, рече Красниќи.
Се разговарало и за „стратешките добра кои поминуваат низ едната или другата земја“.
-Стана збор и за полето на иновации и технолошки развој и помошта која би им се понудила на малите и средните претпријатија и за заедничко аплицирање за идни проекти до ЕУ преку ИПА фондовите. Се надевам на зголемена соработка во иднината и на финализација на договорите кои веќе се подготвени, рече Красниќи и додаде дека Косово засега не планира да воведе обрвска за негативни ПЦР тестови за македонските граѓани за влез во земјата.
Во првите десет месеци од годинава има намалување на трговската размена со Косово, иако има мало зголемување на увозот на стоки од Косово и намалување на извозот на стоки од земјава, особено кај нафтените деривати. Министерот Бектеши очекува во текот на наредната година да се зголеми трговската размена и да се врати на рамништето како што беше во 2019 година.