Годишното обраќање на Претседателот Стево Пендаровски во Собранието беше прекинато од опозициските пратеници кои застанаа пред говорницата со транспаренти во рацете на кои пишуваше„ Стево слуга на Заев“, „Идентитетот се продава, Стево молчи“, „Претседател со купени гласови“, „ Не е мој претседател“. По ова пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала, а Пендаровски го продолжи обраќањетo пред пратениците од владејачкото мнозинство.
Пратеникот Александар Николовски на собраниска прес конференција изјави дека пратениците од опозицијата му свртеле грб на Пендаровски, како што рече затоа што тој му свртел грб на македонскиот народ.
„Пендароски не е претседател на сите граѓани, туку само извршител на една политичка структура и на Зоран Заев. Со тоа Пендаровски им сврте грб на македонските граѓани. Затоа денеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија собраниската сала каде што тој имаше обраќање“, рече Николовски.
СДСМ пак , ова однесување на опозицијата го окарактеризираа како деструктивно, кое не и носи ништо добро на државата и граѓаните.
„За жал јавноста беше сведок на антидржавно однесување, ВМРО-ДПМНЕ отиде до таму да вади транспаренти во време кога се оддаваше почит на починатите од Ковид-19. ВМРО- ДПМНЕ знае само за бојкот, блокади и е без идеја за констгруктивни предлози и решенија. Затоа и губи на изборите , затоа и ги казнуваат граѓаните, затоа што граѓаните го препознаваат ваквото деструктивно однесување“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.