Раководството на регионалната ракометна СЕХА лига соопшти вечерва дека јубилејната десетта сезона ќе започне в четврток, а од двата македонските претставници прв на теренот ќе излезе Еурофарм Пелистер, следната недела. До крајот на календарската година во СЕХА лигата ќе бидат одиграни само два натпревари.
Во премиерната пресметка, Нексе в четврток во Загреб ќе ја пречека Војводина, додека во вториот натпревар, закажан за идниот понеделник, Еурофарм Пелистер ќе биде домаќин во Битола на Металопластика. Право на настап во десеттата сезона во СЕХА лига добија десет екипи, поделени во две групи.
Македонскиот првак Вардар 1961 е во Б-групата со украински Мотор Запорожје, Нексе од Хрватска, Војводина од Србија и белорускиот првак Мешков Брест.
А-групата ја сочинуваат хрватскиот првак Загреб, Металопластика од Србија, македонскиот прволигаш Еурофарм Пелистер, словачки Татран Прешов и унгарскиот првак Веспрем.
Извршниот комитет на СЕХА лигата, како што е соопштено, донесе одлука Мешков Брест и Веспрем да ја прескокнат групната фаза и настапот да го започнат директно од четвртфиналето.