Последната анкета на јавното мислење во Белгија за вакцината против Ковид-19 покажува дека најмногу отпор имаат вработените жени под 54-годишна возраст.
Анкетата, спроведена од страна на три универзитети во Белгија и Холандија, врз 2.000 Белгијци покажува и регионални разлики: жителите на северот се поотворени за вакцинација од франкофоните на југот на Белгија.
Според профилот, најмалку доверба во вакцината имаат вработените жени франкофонки под 54 годишна возраст со слабо или просечно ниво на образование. Студијата истакнува дека повеќето од нив не се во ризична здравствена група, ниту познаваат некој кој бил хоспитализиран поради Ковид-19.
Авторите на студијата ги предупредуваат властите дека кон овие жени ќе биде потребно да се биде педагог и да се постапи смирувачки и утешително кон нивната загриженост од вакцината.
Што се однесува до остатокот од населението, анкетите во Белгија покажуваат дека 34 отсто од белгиските граѓани „сигурно“ ќе се вакцинираат, додека „најверојатно“ ќе се вакцинираат 39 отсто од нив. Ако се соберат овие две групи се постигнува бројка од 73 отсто, што би било доволно за ефикасна имунизација на населението.