Администрацијата на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп денеска и формално го отстрани Судан од списокот на земји кои поддржуваа тероризам, соопшти американската Амбасада во Картум.
Одлуката, како што се наведува, може да му помогне на Судан да добие меѓународни заеми со цел заживување на економијата.
САД во 1993 година го прогласија Судан за држава која спонзорира тероризам, откако земјата накратко беше домаќин на лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен и други барани екстремисти.
Се верува дека Судан му служел на Иран преку него да ги снабдува со оружје палестинските екстремисти во Појасот Газа.
Отстранувањето на Судан од црната листа на САД е клучен поттик за Владата на Картум да ги нормализира односите со Израел.
Со договорот за воспоставување целосни дипломатски односи, Судан стана трета арапска земја, по Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, кои оваа година решија да ги нормализираат односите со Израел.
После Судан, договор за воспоставување дипломатски односи со Израел постигна и Мароко.