„Сороспии“, „курирци“, „провладини новинари“ – со вакви навреди кон новинарите од редакцијата на „А1он“, во текот на целиот ден се обраќа лидерот на „Левица“, професорот Димитар Апасиев, а откако беше запрашан дали неговата партија ќе ги задржи или донира париите што ќе ги земе со изгласаните измени на Законот за финасирање на партиите.
Прашањето беше упатено до него со оглед на тоа што партијата „Левица“, а особено лидерот Апасиев е поборник за работничките права, па оттаму легитимно е прашањето дали буџетските пари ќе бидат донирани во целите за кои се залага. Оттаму, нејасно е од каде произлегоа бурните реакции и агресијата на Апасиев, кон кои се приклучи и неговата сопруга.
Откако Апасиев не одговори конкретно на новинарското прашање (односно не упати да се обратиме во „Прес Центарот на Левица, во отсекот за провладини медиуми“), а по објавениот текст на „А1он“, тој објави статус на Фејсбук, со предлог дека можеби е подобро „парите да се донираат во редакцијата за соросписки курс за независно новинарство“.
„Некоја си ГАБИ од провладините портали МАКФАКС/А1он (целосно име: Габриела Димковиќ-Мишевска), веројатно по инструкции на заменичката-главна уредничка, ми се јавува на приватен и ми пишува смс за време додека спроведувам колоквиум… И враќам – обратете се со прашање до Прес центарот на Левица (чунки иаме вработено чоек баш за тоа, за комуникации и професионален однос со медиуми). Она не се обраќа, и си става ваков наслов!? Срцка ❤
Ах бре провладини „новинари“.
Боље парите да ги донираме кај вас, да ве пратиме на некој соросписки курс за „независно новинарство“ и „прогресивно граџанство“ – за да се опраите. Друг пат, јавете се културно на јавно достапниот број на Левица и бидете барем малку попрофесионални у односот, иако не не’ сакате (а ни ние не ве сакаме) ?
#НавивачкоНовинарствоНеЕНовинарство“, напиша тој, а неговата сопруга го поддржа, нарекувајќи ги новинарите „неписмени“:
Во натамошната преписка со новинарката на „А1он“ преку СМС пораки, Апасиев потенцира дека бил коректен со сите новинари – и „сороспии“ и „курирци“.
„А СДС кога го прашувате, на Заев ли директно му се јавувате или на Центар за комуникации? Секогаш сум бил коректен и со курирци и со сороспии, ама имајте ниво на професионалност. Денес сите што се јавија на службен, добија одговор од Левица“, напиша тој.
Редакцијата на „А1он“ за ваквиот агресивен и навредлив говор се обрати до новинарските здруженија, со оглед на тоа што сметаме дека истиот е недоличен за еден претставник на Парламентот и универзитетски професор, да етикетира новинари и цинично да одговара на легитимно поставени прашања од јавноста. Патем, едно од основните правила во новинарската професија е дека нема глупави прашања.