Кучињата миленици ќе може да ги шетаат само полнолетни лица и тоа исклучиво доколку животното е врзано и со маска.
– Ова е новината во Законот за благосостојба на животните чија цел е превентивно да се спречат инциденти. Сопствениците се обврзуваат и на влезот од дворот, на вратата, да постават табличка со назнака дека чуваат куче, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Ќе се воспостави и регистар на опасни кучиња и ќе се воведе тест за социјализација кој треба да ја утврди нивната евентуално зголемена агресивност. – Се уште не се дефинирани опасните раси кучиња, но, веројатно тоа ќе бидат оние раси кои се добиени со вкрстување и кои се ризични за луѓето, велат во АХВ.
Согласно измените, лицата кои чуваат миленичиња, не ќе смеат да ги напуштаат. Во ваков случај, законската казна е 750 евра за правно и 150 евра за физичко лице.
Обврска на општините ќе биде да восопостават стационари за бездомни животни. АХВ моментно врши едукација по што следува контрола од страна на инспекциските служби.
Агенцијата за храна и ветеринарство потсетува дека од идниот месец почнува задолжителната идентификација и регистрација на милениците со микрочип.