Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат проверуваат дали имало лажни попусти за „блек фрајдеј“ кој, овој ноември, траеше една недела. Директорот на Инспекторатот, Стојко Пауновски, вели дека еден дел од работата околу проверката инспекторите веќе го завршиле. Проверени се компаниите кои понудиле попуст оваа недела и забележани се истакнатите цени.
„Останува да ги споредиме истакнатите цени во дуќаните со сметководствените книги. Да провериме по кои цени биле внесувани производите во книгите пред попустот и за време на попустот. Проверката на книгите е во тек, се прави и на лице место во фирмите кои понудија попуст, на терен, но и во просториите на Инспекторатот. Фирмите ни ги носат книгите и овде се прави проверката која треба да покаже евентуални лажни попусти“, вели директорот Пауновски за „А1он“.
Инспекторатот, поучен од претходните искуства кога имало попусти, алармирал и во Управата за јавни приходи.
„За да не ја искористат можноста да платат данок на помала цена, онаа со сегашниот попуст, алармиравме и УЈП да ги зголеми контролите. Не треба да дозволиме компаниите прометот направен пред попустот да го прикажат како да е направен за време на попустот за да платат помали давачки“, рече директорот Пауновски.
За време на попустите во скопски „Сити мол“ на секој кат имало по една екипа од неколкумина инспектори од Државниот пазарен инспекторат кои ги контролирале и цените и почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот. Казнети за почитување на мерките нема оти внатре во трговскиот мерките се почитувале.
„Во петокот купувачите искористија момент кога инспекторите се менувале оти завршила смената и во тој момент успеале да влезат внатре во трговскиот и да ги направат редиците кои подоцна се споделуваа на социјалните мрежи. Кога стигнала новата смена, веднаш воспоставила ред. Купувачите излегле надвор, каде што имаше редици до 21 часот. Внатре мерките се почитувале, а нашите екипи останаа таму до затворање на трговскиот“, објасни директорот Пауновски.
Купувачите се повлекле од редиците внатре во трговскиот центар, но на инспекторите им дофрлале секакви навреди, а забелешки имале и на тоа дека мораат да чекаат на студ оти веднаш се направиле редици на влезовите.
„’Кои сте вие да ни кажувате каде да чекаме’, ’Застанете вие чекајте на студов’ и ред навреди и пцости добиле инспекторите кога побарале купувачите да излеат надвор и да одржуваат растојание. Редарите од трговскиот центар по интервенцијата на нашите инспектори, постојано им повторувале на купувачите дека ќе биде дозволен влез на онолку луѓе колку што ќе излезат“, вели директорот Пауновски.
Инспекторите направиле контрола и во трговските центри во други градови, но никаде не регистрирале метеж како овој во „Сити мол“ во петокот.