Државниот пазарен инспекторат ќе спроведува засилени вонредни контроли кај трговците низ земјава по повод кампањата „Black Friday“, со цел да спречи лажно прикажување попусти и други нечесни трговски практики.
Инспекторите ќе ја контролираат законитоста на продажните акции, начинот на огласување на попустите, означувањето на цените и информирањето на потрошувачите за условите под кои се продаваат производите.
Посебно внимание ќе биде посветено на продажбата на апарати за домаќинство, бела техника, електронски уреди, мобилни телефони, компјутерска опрема, облека, обувки, мебел и други производи што во овој период се нудат по намалени цени.
Од Инспекторатот посочуваат дека ќе се проверуваат случаи на лажно прикажување попусти, неосновано зголемување на цените пред нивното намалување, неточно и доведувачко рекламирање, како и други неправилности поврзани со продажните услови.
„При утврдување неправилности, Државниот пазарен инспекторат ќе преземе соодветни инспекциски и законски мерки во рамки на своите надлежности“, соопштија од Инспекторатот.
Оттаму апелираат до трговците да ги почитуваат законските обврски и транспарентно да ги прикажуваат цените и попустите, а ги повикуваат и граѓаните внимателно да ги проверуваат условите за намалување на цените.
Доколку забележат неправилности или повреда на потрошувачките права, граѓаните можат да ги пријават на бесплатниот телефонски број 191 или преку веб-страницата на Државниот пазарен инспекторат – www.dpi.gov.mk.
