Единствениот печатен медиум на македонски јазик, весникот „Илинден“,кој има и електронско издание, објави текст во кој се користат податоци од картографската збирка на Националната библиотека на Албанија во Тирана и географски карти за Македонија.
-Македонија како земја со исклучително богато културно и историско минато претставува крстопат на различни култури и цивилизации и секогаш била интересна тема на картографите. Со својата географска местоположба Македонија отсекогаш била во самиот епицентар на настаните и таа била претставувана во најраните географски карти кои претежно имаат географско-историски карактер, а помалку политички, стои во написот на весникот.
Се додава дека повеќето стари карти на Македонија се изработени за академски и универзитетски потреби и нивната реализација е на највисоко ниво за тогаш можните картографски вештини.
-Со оваа објава ги поттикнуваме македонските академски граѓани, младите научници и студенти како и сите поединци кои се интересираат за историјата на Македонија да ја користат картографската збирка на Националната библиотека на Албанија во Тирана која конечно дигитализира голем број ракописи, ретки книги и географски карти од својата богата збирка и оваа година овозможи непречен пристап до овој архивски фонд, наведува весникот „Илинден“.
За написот одбира три географски карти печатени во различни периоди. Првата карта е под наслов Македонија татковината на Александар Велики со илустрации (Macedonia Alexandri M[agni]. Patria Illustris[simi].
Таа е испечатена (во техника гравура на хартија, обоена и илустрирана) во 1650 година во Амстердам (Холандија) од германскиот математичар и картограф Јоханес Вилхелм Лауренберг (1590-1658). Издавачот не е познат. Картата е со димензии 59,5 x 43 cm и се чува под следната сигнатура: Albh 2 B 29.
На втората карта пишува Македонија (La Macedonia). Оваа карта е испечатена (во техника гравура на хартија) во 1689 година во Рим (Италија) од издавачот Џовани Ѓакомо де Роси, а автор е познатиот италијанскиот картограф Џакомо Кантели. Картата е со димензии 62×48 cm и се чува под следната сигнатура: Albh 2 А 29
На третата карта стои: Правецот на движење на експедицијата на Александар Велики, кралот на Македонците (Regnum Alexandri Magni regis Macedonum et eius expeditionum cursus).
Картата е во литографска техника гравура на хартија (втисок од врежана челична плоча и обоена) и печатена е во 1849 година во Нирнберг (Баварија) и истата е дело на познатиот германски историчар, класичен филолог и специјалист за латинска епиграфика професор Карл Готлиб Цумпт (1792-1849). Издавач е Фридрих Вивег & Синот од Брауншвајг. Картата е со димензии 48х25,5см и се чува под следната сигнатура: Albh 2 A 31.
Во написот стои и адресата на дигиталната библиотека:https://