Воен хеликоптер на руската војска е соборен вечерва во Ерменија, близу границата со Азербејџан, соопшти Министерството за одбрана, додавајќи дека во инцидентот загинале двајца членови на екипажот, а еден е тешко повреден.
На снимката од инцидентот, објавена на социјалните мрежи, се гледа како хеликоптерот експлодира во огнена топка, по директниот удар од противвоздушната ракета:
Азербејџан призна дека нападот го извршиле неговите сили и се извини, нарекувајќи го настанот „трагичен инцидент“.
„Азербејџан ѝ се извинува на Русија за овој трагичен инцидент“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи, додавајќи дека станува збор за инцидент кој „не е насочен против Москва“.
Според руското министерство за одбрана, хеликоптерот Ми-24 бил соборен од преносен противвоздушен систем. Нападот се случил во селото Ераш, во близина на Автономната република Нахчиван, азербејџанска енклава на ерменска територија и веднаш до граничната линија меѓу Ерменија и Азербејџан, кои во моментов се во војна околу спорниот регион Нагорно Карабах.