Поранешниот прв човек на албанската тајна служба ШИШ, Фатос Клоси, коментирајќи го терористичкиот напад во Виена, оценува дека целта на терористите е да ја заплашат Европа и да извршат напади таму каде што сметаат дека нивната активност има најголем ефект.
Што се однесува до Албанија, според него, терористите доаѓаат во земјата затоа што сметаат дека тука е безбедно да се засолнат, но не и за да извршат напади.
-Тежок настан, посебно за Виена. На сите ни е жал за загубените животи. Нам посебно ни е жал кога ќе слушнеме дека меѓу тероритите има и Албанци. Нo и меѓу Албанците, како и меѓу сите други, има луѓе со проблеми. Тие живеат за идеал, што за мене е апсурдно. Тоа се групи кои отстапиле од официјалниот ислам и се обидуваат да покажат дека има луѓе што се борат. Во нив гледам маргинализирани луѓе кои не постигнале ништо во други области, оценува Клоси.
Според него кревањето на безбедносните мерки во Албанија е нормална работа, бидејќи е „програмирано да се случат вакви напади во неколку главни градови“.Тој потсетува на изјавата на ИД дека ќе побегнат од Сирија, но ќе бидат во Европа.
-Дури и во ситуација на пандемија нивната мисија не запира. Никој не може да влезе во нивниот ум. Тие се болни умови, тие не функционираат според нормалниот код, вели Клоси.
Оценува дека сите оние земји кои имаат традиционални врски со земјите од каде потекнува тероризмот, се изложени на ризик,пред се Франција, Велика Британија, Германија и Шпанија.
Додава дека е грешка ако се отфрла Албанија,како можна цел,но оти тоа е нереално бидејќи „тука доаѓаат овие луѓе за да се засолнат, а не да извршат некоја активност“ и оти со нив имале проблеми и додека тој бил на чело на ШИШ.
-Албанија беше затворена земја и затоа соработката со партнерите беше задоцнета, па затоа се нарекува безбедно место за нив. Денес Албанија навистина стана место каде што може лесно да се минува, но тука странците полесно се идентификуваат. Албанија не беше навикната на странци, тоа е феномен што се случува овие 30 години. Ние сме во состојба да идентификуваме странец дури и на улица. Ова им отежнува на терористите да циркулираат во Албанија незабележано. Во Албанија не е толку лесно, тоа е мала земја,посочува Клоси.
Клоси со ШИШ раководеше во перодот од 1997 до 2002 година.