Со поддршка од Европската унија и Светска банка преку проектот „Разубавување на Старата чаршија“ реставрирана е улицата „Битпазарска“ и излозите на 39 дуќани без притоа да се наруши автентичноста на чаршијата.
Во рамки на проектот заменети се прозорците и вратите на дуќаните, реставрирана е калдрмата на улицата „Битпазарска“, а поставена е и туристичка патна сигнализација со што се подобрени условите за работа на занаетчиите, а истовремено се создадени услови за понатамошен развој на туризмот.
– Имајќи предвид дека фасадата и излозите на голем дел од дуќаните и на калдрмата беа застарени или заменети излозите на дкуќаните со друг материјал со што се нарушуваше автентичната структура на Старата скопска чаршија, преку овој проект се потрудивме да реставрираме без притоа да уништиме ниту една точка од тоа што Старата скопска чаршија рефлектира од наследствен, културен или туристички аспект, истакна градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Според евроамбасадорот Дејвид Гир, Старата скопска чаршија не е само едно од најважните историски локации во земјава, туку и една од најдобро сочуваните османлиски стари чаршии во регионот.
– Чаршијата претставува живо сведоштво за долгите традиции на мултикултурализам и соживот. Оттука, добро е што Чаршијата е домаќин на Европската улица. Поддршката на Европската унија за Старата скопска чаршија има за цел да се зачува уникатната атмосфера и архитектонската убавина, рече Гир.
Од Владата најавија дека и во иднина ќе продолжи поддршката за Старата скопска чаршија.
– Станува збор за уникатно место кое му дава посебен шарм на Скопје категоризирано како туристичко место од врвна категорија. Со своето културно, историско и духовно наследство од 12 век, Старата скопска чаршија претставува голем развоен туристички потенцијал како за општина Чаир, така и за Градот Скопје. Таа е несекојдневно и атрактивно место. Старата скопска чаршија има голем стопански и културен потенцијал и ако сакаме да ја направиме место каде ќе се разменуваат идеи и стоки, должни сме да создадеме услови и да го заштитиме културното наседлство и стариот автентичен изглед, порача Битиќи.
Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека се потребни вакви иницијативи и проекти за поголем развој на туризмот во земјава.
– Оваа година ќе беше рекордна по привлекување на туристи и по бројот на ноќевања, но заради пандемијата не треба да останеме со скрстени раце, туку да работиме и да реализираме вакви иницијтиви за да повторно ги вратиме туристите, рече Бектеши.
Проектот се спроведуваше во рамки на Програмата за локална и регионална конкурентност, која е заеднички финансирана од Европската унија и Владата и администрирана од Светската банка. Главната цел е да ги спои туризмот и економијата, истовремено промовирајќи го природното и културното наследство.