Иако утре e празничен ден, за нас е почеток на неделата и граѓаните ќе можат да патуваат во соседните земји, изјави премиерот Зоран Заев.
„Овде не станува збор за Грција, а не знам со Бугарија конечно како е, но одлуката во регионот на Западен Балкан е донесена, така што границите ќе бидат отворени и граѓаните ќе може да патуваат во соседните земји, но апелирам само тогаш кога е најнеопходно“, беше одговорот на новинарско прашање, дали вечерва од полноќ македонските државјани ќе можат да патуваат во соседните земји без PCR тест.
Сите, посочи премиерот, имаме исти бројки на заразени, трендот на растот е ист и дефинитивно не треба да правиме пречка за мобилноста, што значи економија, живот за граѓаните, но да патуваме тогаш кога можеме.
„Онлјан, по телефон, разговори секојпат можеме да ги практикуваме за било што. Препорачувам да се патува само кога е неопходно заради тоа што само на тој начин ќе го заштитиме и сопственото здравје и здравјето на сите“, потенцира Заев, по пуштањето во работа на далекуводот Неокази – Пробиштип.