На патниците кои планираат да патуваат во Европската Унија од денес повторно би можеле да им се закануваат подолги колони на границите, бидејќи денес истекува периодот на флексибилна примена на Европскиот систем за влез и излез (ЕЕС), кој предвидува регистрација на државјаните на земји надвор од ЕУ и собирање биометриски податоци, вклучително и отпечатоци од прсти.
Рокот за флексибилна примена на системот истекува денес, 6 септември, а Европската комисија не ја продолжи можноста за привремено прекинување на контролите, објавува „Гардијан“, наведувајќи дека, според повеќе добро информирани извори, некои земји членки на ЕУ нема да применуваат биометриски контроли во рамките на ЕЕС по истекот на периодот на флексибилна примена на прописите.
Авиокомпаниите претходно побараа оваа можност да остане во сила до крајот на 2026 година.
Авиоиндустријата и туристичкиот сектор наведуваат дека ублажувањето на примената на правилата во изминатите месеци помогнало да се избегнат поголеми гужви и доцнења, откако на почетокот на летото на одредени европски аеродроми патниците поради долгите редици пропуштаа летови.
На одредени локации целосната примена на системот сè уште не е можна.
Киосците за земање отпечатоци, кои ги набавија „Еуротунел“, пристаништето Довер и „Еуростар“ на станицата „London St Pancras“, сè уште не се оперативни.
Од Довер соопштија дека во текот на следната недела не се очекуваат промени, додека возачите на автомобили сè уште не подлежат на ЕЕС-контроли.
„Еуростар“ наведе дека системот се воведува постепено и дека регистрацијата на патниците и понатаму ќе се врши рачно.
Според извори од авиоиндустријата, не се очекува целосна примена на ЕЕС-контролите на најпрометните европски аеродроми.
Во Грција, според истиот извор, граничните служби неофицијално ги изземале патниците од Велика Британија од контролите за да се избегнат гужви.
Британското туристичко здружение АБТА и Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА) побараа продолжување на флексибилната примена на системот.
Европската комисија соопшти дека е во контакт со неколку земји членки на кои им се потребни дополнителни прилагодувања на одредени гранични премини и дека е подготвена да им обезбеди поддршка во тој период.
Според Европската комисија, ЕЕС е целосно оперативен од 10 април 2026 година и се применува за државјани на земји надвор од ЕУ кои патуваат на краток престој во шенгенскиот простор. Системот регистрира податоци од патните документи, отпечатоци од прсти и фотографија на лицето.
