Западен Балкан е еден од приоритетите на Европската комисија, изјави денеска во Сараево комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји.
По разговорите со домаќините, Вархеји изјави пред новинарите дека Комисијата многу ревносно работи од првиот ден за да даде до знаење дека Западен Балкан е приоритет на ЕК.
– И не само тоа, ние го гледаме Западен Балкан како дел од Европа и го гледаме на долг рок или на краток рок како целосно интегриран во Европската унија, рече тој.
Зборувајќи за иницијативата „мини Шенген“, Вархеји рече дека тоа значи брза можност за проток на стоки и луѓе и оти тоа ќе овозможи прилив на инвестиции и ќе го олесни платниот промет.
– Затоа започнавме да работиме на нова методологија за проширување, почнаа преговори со Северна Македонија и Албанија … Работиме и на забрзано намалување на нееднаквоста меѓу земјите од Западен Балкан и Европската унија, рече еврокомесарот.