Македонија ќе добие покана за членство во НАТО откако ќе се реши проблемот со уставното име на земјата, ова е заклучокот од самитот на НАТО во Чикаго за Македонија.
„Покана за ПЈРМ ќе има веднаш штом се постигне заедничко прифатливо решение за името, во рамките на ОН и силно повикуваме на интензивирање на тие напори. Брзо решение ќе биде проследено со членство кое ќе придонесе за стабилноста во регионот. Ги охрабруваме преговорите и нивното продолжение и очекуваме тие да завршат што е можно побрзо“, стои во заклучокот на завршното коминике од Чикашкиот самит.
НАТО го поздравува и поддржува реформските процеси во земјата и ги охрабрува напорите и суштинските придонеси на Македонија во операциите на НАТО.
Maкедонскиот државен врв всушност ова и го најавуваше.Премиерот Никола Груевски во интервју за МИА кажа дека не очекува прием на Македоонија во НАТО поради блокадата на Грција но и дволичната политика на Алијансата. Затоа Груевски вели дека нема да оди на самитот, зашто според него кога Македонија им треба ја користат, а кога нам ни треба НАТО добива лекции од политика и за принципот на солидарност.
Груевски во интервјуто вели и дека во Чикаго ќе бидат претседателот, министерот за надворешни работи и амбасадорот во НАТО.
„Јас, лично, да бев на местото на Претседателот немаше да отидам, а не сум сигурен дали и министерот требаше да биде таму во услови на едно такво игнорирање од НАТО во овој изминат период. Можеби неговиот заменик ќе беше реално наше присуство наспроти очигледната незаинтересираност на најмоќните земји на НАТО кон Македонија и очигледната нивна заинтересираност по секоја цена да и бидат на услуга на Грција, превземајќи товар, ако воопшто го чуствуваат како товар, на крајно непринципиелно и некоректно однесување кон земја за чие членство ја малтретираат со години, а секогаш ја канат кога им треба, дали тоа е во моменти кога им треба за логистичка база како што беше при интервенцијата во 1999 година кон Србија, или кога требаше да бидеме во Авганистан, во Ирак, и други настани каде им требаат сојузници, им треба нашата војска, нашето присуство, нашето знаме, нашата одлучност“, изјави Груевски.