Дојче веле – Бон
(автор Матијас Допфнер, претседател на Федерацијата на издавачи на германски весници (БДЗВ) и извршен директор на Аксел Спрингер С.Е.)
Разновидноста и плурализмот се во срцето на новинарскиот кредибилитет, како и конкуренцијата помеѓу јавните и приватните медиуми.
Живееме во збунувачки и несигурни времиња. Светскиот поредок се чини се распаѓа. Европа и САД се поделени. Кина се стреми кон глобална доминација. Однесувањето на Русија станува сè поскандалозно. Исламистите го напаѓаат отвореното општество. Популистите се множат од Лондон до Будимпешта. Вештачката интелигенција е ризик што може да ги направи луѓето робови на алгоритмите. Вирусот го става светот во вонредна состојба и повремено го принудува да запре..
Во такви моменти, темелно истражените, веродостојни информации стануваат сè поважни – историска можност за новинарството. За време на сето ова, нашиот деловен модел се менува од аналоген во дигитален. Оваа трансформација е голема, но им носи многу егзистенцијални предизвици на публицистите.
Иднината на независното новинарство е во прашање – или поточно, „независноста“ и „новинарството“. На крајот на краиштата, сè додека останеме во рамките на законот, сите можеме да пишуваме што сакаме. Но, тоа не значи дека ние навистина го правиме тоа. Влијанијата и притисоците со кои се соочуваме понекогаш се ненадминливи. Па, што доведува до независност на новинарството?
Според мое мислење, има повеќе предуслови, но неколку се од суштинско значење.
Прво, подготвеност за преземање на власта. Во последниве децении, многу луѓе ја ризикуваа или изгубија својата слобода, кариерата, па и животот затоа што ја бараа вистината и имаа храброст да ги нарекуваат социјалните неправди со нивното вистинско име.
Оние од нас кои можат да ги прават своите извештаи необоени во една држава каде има владеење на правото, имаат посебна обврска да се борат за правото на новинарите да ја вршат својата работа слободно и без ризик по нивното здравје или живот. Во 2018 година беа убиени 63 новинари. Во 2019 година, оваа бројка беше 38. Доволно за да се бориме за оваа цел. 38 е сè уште 38 и е премногу! И, за жал, не сум сигурен дека работите ќе станат попозитивни за новинарите во иднина.
Второ, да се биде навистина независен значи да се има финансиска независност. Приватното финансирање и стабилниот деловен модел се клучните карактеристики на независното новинарство. Само тие можат да гарантираат разновидност. Само кога финансиските стимулации поттикнуваат што поголем број бизнисмени да инвестираат во новинарството, може да има разновидност и конкуренција.
Блискост и дистанца
Новинарството вклучува постојано жонглирање со блискоста и дистанцата од центрите на моќ. Новинарите треба да бидат блиски до политиката и политичките настани за да можат јасно да ги видат работите. Но, тие исто така треба да можат да се дистанцираат за да ги видат работите од далечина. Двете гледишта се важни. Но, кога станува збор за финансирање на приватни медиуми, не можеме да бидеме доволно далеку од државните институции.
Трето, вистинската независност бара разновидност. Таа разновидност има две функции. На почеток, за разјаснување на фактите, од суштинско значење е да се одржи новинарски натпревар за најдобра сторија, како и збир на различни мислења со нивните различни гледишта и коментари. Конкуренцијата помеѓу различни медиуми е единствената ефективна формула за борба против лажни вести, пропаганда и манипулација
Меѓу другото, различноста во медиумите ја штити слободата на говорот во целина. Политичарите можат да преземат мерки против одделни медиуми кога не им се допаѓаат одредени информации, но не можат да ја зауздаат цела индустрија. Со други зборови, колку се поотпорни новинските агенции, толку е помала веројатноста државата да изврши притисок врз секој од нас.
За да можат нашите весници да бидат независни и разновидни, потребни ни се еднакви услови. Ова особено важи за големите медиумски платформи. Никогаш не треба да се случи две или три глобални платформи да ја заменат инфраструктурата на илјадници помали медиуми и да определат што треба да читаат милиони клиенти, што е правилно, а што не, и што е добро и што е лошо.
Регулација на платформите
Во последниве денови, дискусиите во политичката сфера за улогата на големите платформи станаа почести и покритични. И тонот на овие дискусии се менува.
Во моментов, честопати не се поставува прашањето дали треба да се разбијат овие доминантни компании, туку кога и како. Според мое мислење, тоа може да биде само последното средство. И не мора да биде. Ние, издавачите, сакаме само здрави, успешни играчи во фер и функционален медиумски екосистем.
Од оваа причина, потребна е подобра, помодерна и пофлексибилна форма на регулација за да се исполнат предизвиците на дигитализацијата. Ова вклучува и спроведување на директивата на ЕУ за реформа на авторските права, согласно нејзината формулација, и ефикасно регулирање на платформите.
Јас цврсто верувам дека ако критичкото новинарство продолжи да игра влијателна улога во нашето општество, ако новинарството остане финансиски здраво и одвоено од државата, и ако медиумите можат да продолжат да работат независно, проблемите, кои се движат од глобална геополитика до очигледна семоќ на вештачката интелигенција, може да се решат.
Тогаш, најголемото достигнување на модерното време – отворено општество засновано врз владеењето на правото и човековите права – ќе триумфира.