Локалните власти во Република Нагорно-Карабах, која е дел од Азербејџан, но во неа доминира ерменското население, денеска соопштија дека уште 28 нејзини војници се убиени во судирите со азербејџанските сили што траат веќе два дена, со што вкупниот број на загинати сега изнесува 59 лица.
Ерменскиот амбасадор во Русија, Вардан Тогајан, денеска изјави дека околу 30 ерменски државјани се убиени во судирите меѓу ерменските и азербејџанските вооружени сили во Нагорно Карабах.
-Информациите за жртвите варираат, а според неодамнешните податоци, ерменската страна има околу 30 жртви и тие главно се припадници на армијата, рече ерменскиот амбасадор за радиото „Ехо на Москва“.
Британските медиуми јавуваат дека ерменските и азербејџанските сили веќе два дена разменуваат жесток артилериски оган на повеќе позиции долж линијата на разграничување на територијата на Нагорно Карабах.
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за употреба на тешка артилерија, а во спорот веќе од вчера се вклучи и меѓународната заедница со осуда на насилството и понуди за посредување за постигнување примирје и почеток на преговори.