Денеска во Охрид започна 11-тата по ред дводневна Меѓународна научна конференција „Евроатланските вредности на Балканот“ што се организизира од Факултетот за безбедност од Скопје и германската Фондација „Ханс Зајдел“.
На свеченото отворање меѓу другите говореше проректорот на УКЛО и професор на Факултетот за безбедност-Скопје Марјан Ѓуровски, кој нагласи дека првиот безбедносен предизвик доаѓа од пандемијата Ковид-19 и поради тоа е потребно зајакнување на капацитетите на институциите за справување со евентуален нов бран од корона-епидемијата.
Според последните истражувања кои досега ги спроведоа повеќе тимови од Факултетот за безбедност има неколку новите безбедносни предизвици и ризици по државата и регионот.
Според Проректорот на УКЛО, професорот Марјан Ѓуровски, првиот безбедносен предизвик доаѓа од пандемијата и новиот потенцијален бран од коронавирусот кој не смее во критичниот период кој следува од здравствен да прерасне во безбедносен ризик, економска закана и загрозување на човековите права и слободи. Според Ѓуровски, останува отворено прашањето колку безбедносниот систем и системот за кризен менаџмент и управување со кризи е подготвен да одговори и се справи со евентуалниот нов бран на пандемијата.
„Некој ќе рече дека системот ја потврдил својата подготвеност, но поминаа точно три месеци од завршување на вонредната состојба во земјата. Дали и што применивме од научените лекции од полицискиот час, законското нормирање и носењето на одлуките во вонредна состојба, координација, субординацијата и други бројни прашања,“ рече Ѓуровски.
Во своето обраќање, тој истакна дека евентуални нови ад хок решенија за координација и соработка на безбедносните служби нема да го дадат потребниот ефект и на тој начин не може да се исклучи опасноста да се зголеми, за жал.
„Дали закон за вонредна и воена состојба ќе се носи пред истата да биде прогласена?,“ праша Ѓуровски.
„Ние како академска фела го кажавме нашето мислење и сега се пали црвеното светло кој ни сигнализира дека се доцни со подоготвка и потоа донесување на бројни решенија и законски модели на фукнционално делување на безбедносниот систем во услови на пандемија во евентуална кризна или нова вонредна состојба,“ потенцираше Ѓуровски.
Притоа, тој нагласи дека вториот предвизик е заканата по економската безбедност како домино ефект од пандемијата и евентуално новите зголемени рестриктивни мерки за заштита од пандемијата. Според професорот Ѓуровски третиот
безбедносен предизвик се отворените прашања во регионот- Недефинираниот статус на Косово, Република Српска, Санџак, политичката нестабилност во Црна Гора, Бугарија и Албанија, односите меѓу Турција и Грција. Начинот и исходото на отворените прашања во најголемиот дел ќе зависи од исходот на престојните избори за претседател на САД. Тука според безбедносните проценки е и влијанието на Руската федерација и продорот на НР Кина на Балканот кој дополнително се безбедносен ризик во услови на изразени хибридни закани и лажни вести.
Меѓу другото, петтиот предизвик е радикализмот, насилниот екстремизам и тероризам како директна безбедноста закана на земјите во регионот вклучително и Република Северна Македонија. На крајот Ѓуровски оценува дека корупцијата и организираниот криминал, неефикасноста на судството може да преставуваат безбедносен ризик и опасност за што како 30-та земја членка на НАТО треба да покажеме подобри резултати во реформите кои треба да продолжат и во безбедносниот систем.