Напаѓачот на Ливерпул, Садио Мане би можел да ја продолжи кариерата во Шпанското фудбалско првенство. Според тамошните медиуми, агентите на 28-годишниот Сенегалец им ги понудиле на Барселона услугите на играчот.
Трансферот на Мане може да се случи во случај напаѓачот Лионел Меси да го напушти каталонскиот тим. Претходно беше објавено дека 33-годишниот Аргентинец го бараат Манчестер сити, Интер и ПСЖ.
Барселона може да ја напушти и Луис Суарез, кого новиот тренер Роналд Куман пред неколку дена преку телефон го известил дека не смета на него во новата сезона.
Минатата сезона Мане одигра 45 натпревари за Ливерпул, постигна 22 гола и направи осум асистенции.
Порталот Transfermarkt го проценува играчот на 120 милиони евра. Неговиот договор со англискиот клуб важи до крајот на јуни 2023 година.