По многуте прозивки и барања граѓаните да дознаат колку нивни пари се потрошени за проектот „Скопје 2014“, дури по гласањата и прегласувањата во општина Центар, министерката за култура и екс градоначалникот „се одважија“ и на дво и пол часовна прес конференција објавија: „Проектот Скопје 2014 од 2008 до сега чини 207.872.492 евра“.
На првичната презентација на Скопје 2014 пред пет години, беше ветено дека проектот ќе чини околу 80 милиони евра, Канческа-Милевска ова го правдаше со новите градби кои ги нема во првиот план.
Член на Билд форумот, истражувал колку навистина до сега чини овој проект. Резултатите од истражувањето се темелат на официјални документи и на изјави од надлежните за чинењето на одредени објекти и скулптури.
Истражувањето покажува дека до месец јануари, „Скопје 2014“ чини не 207.872.492 евра, туку 317.453.000 евра.
Мостот ОКО чини 1.670.000 евра, а Мостот на уметноста, без скулптурите кои никнаа првиот ден по првиот изборен круг, чини два и пол милиони евра. Плажите и врбите се по 250 илјади евра.
До сега седумте катни гаражи чинат 4 милиони и 732 илјади евра.
До јануари има поставено 26 споменика и нивната вредност е повеќе од 31 милион евра.
Од јануари до април има нови споменици, барем триесетина на Мостот на уметноста. Значи оваа сума ќе биде многу поголема.
Порталите А1он и Либертас решија да го продолжат и прошират ова истражување со серија написи колку навистина до сега е потрошено на проектот „Скопје 2014“.