Авенијата Шанзелизе утре вечер ќе биде резервирана за пешаците, поради финалето на Лигата на шампионите меѓу Баерн Минхен и Париз Сен Жермен, објави во саботата префектот на париската полиција, јави дописникот на МИА.
За да се „почитува социјалното растојание“, од 21 часот на 23 август, „ќе нема сообраќај на Елисејските полиња, така што луѓето ќе можат да го наполнат просторот со почитување на правилата“, изјави на конференцијата за печатот Дидиер Лалемент, префектот на Париз, кој ги повика поддржувачите да дојдат „пеш“ на авенијата. Оваа исклучителна „мерка“ е во принцип резервирана за вечерните часови на 31 декември.
Министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманан, изутринава го посети командниот центар на полицијата во Париз, при што му беа претставени безбедносните мерки.
-Нашиот приоритет е да ја гарантираме здравствената безбедност на нашите сограѓани, но исто така да спречиме неподносливо кршење на јавниот ред, објасни тој.
-Ќе има 3.000 полицајци и жандарми кои се мобилизирани во недела и околу „Паркот на принцовите“, каде има пренос од натпреварот, потоа околу Елисејските полиња, продолжи Жералд Дарманан, кој прецизираше дека овие безбедносни мерки се насочени исто така и за спроведување на мерката за носење маска, додека бројот на дневни случаи откриени со „Ковид-19“ продолжува да се зголемува во Франција.
– Да не дозволиме вирусот да ја победи играта, сумираше тој.
Тој додаде дека „два часа по натпреварот“, „собирите ќе бидат тотално забранети и полицијата и жандармите ќе ги евакуираат луѓето“.
Во вторникот, прославите околу пласманот на ПСЖ во финалето беа на места преточени во сцени на насилство. Поточно, поединци нападнале камион на полицијата, додека други ограбувале продавници. Според обвинителството во Париз, од 36 лица приведени во притвор таа вечер, 26 биле изведени пред лицето на правдата. Меѓу нив, едно лице беше осудено на шест месеци затворска казна затвор за насилство врз полицијата. Шест лица исто така ја прифатија својата казна преку признавање вина, а на седум други треба да им се суди подоцна.
Сè на сè, на 13 лица им беше забрането привремено да престојуваат во Париз.