И по четири дена откако полицијата не го пронајде, Основниот суд во Велес не распиша потерница за поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски обвинет во случајот „АКМИС“. Од судот за „А1он“ велат дека не се известени од полицијата дека Панчевски не е пронајден на адресата која ја посочиле. Од МВР пак, тврдат дека известување уште во петокот е испратено до локалната полиција која треба да го проследи до судијката која го води случајот.
Неофицијално, ваквите известувања секторите за внатрешни работи ги испраќаат преку пошта со цел да се документира дека документот е предаден во судот, па затоа известувањето за Панчевски не е пристигнато со судијката. Додека се трага по документот, Панчевски е и натаму недостапен за органите на прогонот.
„До денес, во Основен суд во Велес нема пристигнато известување од МВР во врска со издадената наредба за приведување на обвинетиот.
По добивање на официјално известување од МВР, судот ќе постапи согласно Законот за кривична постапка“, велат од Основниот суд во Велес за „А1он“.
Од Министерството за внатрешни работи, тврдат дека документот е проследен до полицијата во Велес, кои пак, со него го известуваат судот дека Панчевски не е приведен бидејќи не можат да го лоцираат.
„МВР постапувајќи по судска наредба на 10.07.2020 година не го пронајде лицето В.П. на адресата наведена во наредбата. Истиот ден е испратено известување до СВР Велес да го известат Основниот суд во Велес за распишување на потерница по лицето“, велат од МВР за „А1он“.
На Панчевски судот му одреди притвор откако девет месеци не се појавил на судењето за случајот АКМИС и местењето предмети кај подобни судии во време кога бил претседател на Кривичниот суд.
Панчевски се товари дека во периодот од јануари 2013 година до септември 2016 година влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите, давал наредби и насоки кој предмет кај кој судија да се распредели и со тоа ја злоупотребил службата и ги пречекорил границите на своите овластувања.