Почна вториот ден од предвремените парламентарни избори кои оваа година поради пандемијата со Ковид-19 траат три дена.
На гласачките места во 13 казнено поправни установи своето гласачко право во текот на денешниот ден може да го остварат вкупно 1.657 гласачи.
„Во текот на денешниот ден исто така своето гласачко право ќе може да го остварат и шесте раселени лица во единствениот Центар за раселени лица.
Избирачките одбори денеска ќе го спроведат и гласањето за болните и немоќните лица, како и на лицата во куќен притвор, а кои се пријавиле да гласаат ,а такви има вкупно 8.843 согласно новите податоци“, информираше Адмир Шабани од Државната изборна комисија.
Гласање денеска ќе се спроведува и во установите за вон-семејна грижа. Во вкупно 17 такви установи има 357 гласачи кои денеска ќе можат да го остварат своето право на глас.
Во текот на вчерашниот ден своето право на глас го остварија вкупно 723 граѓани кои се позитивни на Ковид-19 или се во самоизолација.
Денеска своето право на глас ќе може да го остварат болните и немоќните гласачи, или лицата кои се во куќен притвор, гласачи кои се наоѓаат во казнено поправните установи, гласачите кои се наоѓаат во установите за вон-семејна грижа и внатрешно раселените лица.
Со право на глас на предвремените избори за пратеници во Собранието на Македонија во избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.263.
За овој изборен процес, акредитирани се 96 странски и 2.508 домашни набљудувачи.
Од ДИК ги повикуваат граѓаните да го остварат своето гласачко право со заокружување на бројот пред опцијата што сакаат да ја изберат, без да ставаат други знаци на гласачкото ливче, бидејќи така тоа ќе се смета за неважечко.
Државната изборна комисија има отворено и телефонски броеви каде што граѓаните ќе можат да ги исконтактираат, а тоа е бесплатниот број: 0800 555 44 и бројот за видеоповици 076488360 за граѓаните со оштетен вид и слух.