Со положување цвеќе на споменикот пред СВР-Битола и пред споменикот „Анѓел“ во Градскиот парк, денеска во Битола, беше оддадена почит на бранителите кои загинаа во конфликтот во 2001 година кај тетовското село Вејце.
На денешното чествување присуствуваа семејствата на загинатите бранители, градоначалникот на општина Битола, претставници од локалната самоуправа, СВР-Битола и политички партии од овој град.
– Битола никогаш нема да го заборави немилиот настан. Секогаш ќе се сеќаваме на нашите млади херои кои што по патот на историските личности многу пожртвувано и несебично ги дадоа своите животи за оваа наша денешна независна и суверена Република Македонија. Денеска сме сведоци на нешто што треба да биде многу поучно за сите нас, за сите сегашни и идни генерации, истакна градоначалникот Владимир Талески.
Талески потсети и на уште еден историски важен настан за Република Македонија врзан со делото на познатите Солунски атентатори.
– Сакам да потсетам дека на денешен ден и големите гемиџии ги започнале активностите во Солун. Солунските атентатори на денешен ден, сакајќи да го свртат вниманието кон сето она што е проблем за Македонија и за Македонците, почнуваат активности со кои што ги повикале големите европски сили да погледнат што се случува на Балканот. Овој ден – 28.април е голем значаен ден кој што Битола долго ќе го памети, истакна градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески на денешното чествување во овој град.