Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва од Кратово повика на сплотување и одлучност бидејќи, како што рече, сега е време кога граѓаните ќе треба да одлучат меѓу два сосема различни политички концепти.
– Едниот е што го нудат истрошени, безидејни политичари од времето на транзицијата, а другиот е понудата на луѓето кои имаат решение и знаат како да се справат со сите предизвици, се до крајната цел. А крајната цел е Македонија онаква каква што ја знаеме, нашата Македонија. Одлуката овој пат е меѓу сосема две спротивставени политички понуди. Срам или чест. Подвиткана или исправена кичма. На една страна гледаме криминал и корупција, а на другата страна ред и поредок, чест и честитост, рече Мицкоски.
Тој обвини дека СДСМ и БЕСА сакаат да ја федерализираат и уништат државата.
– Од пред некој ден имаме информација дека СДСМ и БЕСА во два чекора сакаат да ја распарчат Македонија. Прво е федерализација, а потоа следи уништување. И ова не е само во главата на ВМРО-вците. И тогаш предупредувавме за договорите и тогаш велеа дека тоа е само во нашите глави, но целата македонска јавност виде како тие ги спроведоа сите три договори, рече Мицкоски.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител во Третата изборна единица Игор Јанушев ги повика кратовчани масовно да излезат и да го дадат својот глас на 15 јули.
– Деновиве сме сведоци на огромен поткуп. Афери со лични карти, а знаете и дека овде во Кратово нудат пакети со цел да влијаат врз вашиот глас, рече Јанушев.
Најави дека ВМРО-ДПМНЕ доколку победи на изборите, ќе донесе закон за испитување на потеклото на имотот на политичарите.
– Да видиме дали Заев навистина има 70 илјади евра колку што пријавил, дали се 8 и пол милиони евра како што го слушнавме дека кажува или можеби се многу повеќе. Тоа го имаме во програмата и секој еден ќе треба да докаже како го стекнал својот имот, рече Јанушев.