Јужнокорејските работници денеска почнаа да го напуштаат заедничкиот индустриски парк во Северна Кореја, откако Сеул најави целосно повлекување в следните месеци поради воените тензии.
Таквата одлука ја доведува под прашање иднината на комплексот Каесонг, кој е еден од ретките симболи на соработка на прекугранична соработка на најмилитаризираната граница во светот, а воедно е и важен извор за цврска валута за изолираниот севернокорејски режим.
Повлекувањето на работниците уследи еден ден откако Северна Кореја најави дека ќе му суди на еден државјанин на САД за обид за соборување на комунистичкиот режим, чекор кој дополнително ги зголеми тензиите меѓу Пјонгјанг и Западот.
Јужна Кореја вчера најави дека одлучила да ги повлече преостанатите 175 работници. Првата група од 11 работници денеска се врати прекуконтролниот пункт Пају, а другите 116 ќе бидат префрлени со друг конвој во текот на денот. Останатите 48 лица, претежно државни службеници кои управуваат со комплексот, како и телекомуникациските и електро инженери, треба да се повлечат в понеделеник.
Јужнокорејските фирми кои имаат погони во Каесонг се изненадени од неочекуваното повлекување. Пјонгјанг кој бара укинување на меѓународните самкции и стопирање на воените вежби на САД и Јужна Кореја, одлучи на 3 април да ги блокира сите приоди до Каесонг, а потоа ги повлече своите работници.