Зелениот климатски фонд (ЗКФ), главниот глобален фонд за финансирање активности за борба со климатските промени, го одобри својот втор проект за Северна Македонија во рамките на Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка за да и помогне на земјата да стане поподготвена за влијанијата на климатските промени. Ова е продолжение на првиот проект поддржан од ЗКФ, успешно завршен во 2019 година.
Вториот Проект поддржан од Зелениот климатски фонд ќе трае 18 месеци, а почна денеска со виртуелна работилница на која учествуваа околу 130 претставници на клучни владини институции, министерства, приватниот сектор, граѓанското општество, академијата и развојните партнери, а меѓу нив и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.
Целта на проектот е да се поддржи Кабинетот на вицепремиерката за економски прашања, како назначен национален орган за Зелениот климатски фонд и други релевантни чинители, да се прошири нивното знаење и да се зајакне сопственоста за подобар пристап до ресурсите на Зелениот климатски фонд, како и да се помогне во идентификување на натамошни можности за климатско финансирање во деветте приоритетни сектори во земјата (енергетика, транспорт, земјоделство, биодиверзитет, здравство, водни ресурси, шумарство, отпад и културно наследство).
Како што соопшти Кабинетот на Царовска, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) заедно со Владата на Република Северна Македонија, ќе работат на развој на Работна програма на земјата за Зелениот климатски фонд, која ќе ги адресира клучните приоритети поврзани со климатските промени во овие сектори и ќе опфати потенцијални инвестиции што може да се преточат во издржани проекти финансирани од Фондот, кои доаѓаат од национални институции, општини, јавни и приватни компании, граѓанските организации и други правни лица.
Во обраќањето на отворањето на виртуелната работилница, Царовска, истакна дека соработката со Зелениот климатски фонд и дава можност на нашата земја да ги имплементира сите стратешки поставени цели за намалување на влијанијата од климатските промени, во повеќе сектори, како: енергетиката, земјоделието, водите, транспортот, но и образованието, здравството, управувањето со ризици, а притоа секогаш да го земе предвид и социјалниот аспект.
– Kрајната цел на овие напори е изнаоѓање соодветни, иновативни решенија како одговор на климатските промени и зголемување на инвестициите за справување со климатските промени. Со тоа, значително ќе придонесеме за унапредување на квалитетот на живот на секој наш граѓанин, ќе постигнеме поголема конкурентност на нашата економија, како и одржливо инклузивно општество за сите генерации, што е врвна цел на Парискиот договор, нагласи вицепремиерката Царовска.
Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија, во обраќањето до учесниците истакна дека земјава мора целосно да ги искористи сите можности за обезбедување нискојаглероден и одржлив економски раст и да ја заштити и зачува својата убава животна средина за сегашните и идните генерации.
– Затоа овој инструмент има огромна вредност за трансформациските промени што сакаме да ги видиме и поддржуваме, истакна Дуџак.
Како што информира Кабинетот на вицепремиерката Царовска, Набил Ганџи, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, и честиташе на Владата за постигнатиот напредок во 2019 година и неодамнешното одобрување на вториот грант за подготвеност на Зелениот климатски фонд, како чекор напред кон стратешкиот ангажман со Фондот.
– Како акредитиран субјект на Зелениот климатски фонд со широко знаење и искуство низ целиот свет, ФАО со задоволство ќе продолжи да ги поддржува напорите на Северна Македонија за пристап до ресурсите на Фондот за да се подигне амбицијата на сите актери во општеството за климатска акција преку инвестиции во отпорен и нискојаглероден развој, потенцираше Ганџи.
Со помош на овој проект, Северна Македонија ќе финализира систем за следење и мониторинг на климатското финансирање во земјата обезбедено од јавни, приватни или меѓународни извори. Системот ќе ја информира Владата за можностите за кофинансирање за потенцијалните предлог-проекти за Зелениот климатски фонд и ќе ги забрза напорите на нашата држава за реализација на целите поврзани со климатските промени.
Кабинетот на Царовска наведува дека овој проект за подготвеност ќе стави посебен акцент на ослободување на потенцијалот на приватниот сектор за инвестирање поврзано со климатските промени. ФАО ќе работи со Владата да се мапираат актерите во приватниот сектор, вклучително малите и средните претпријатија, и ќе им помогне целосно да ги искористат можностите за трансформациски инвестиции во отпорен и нискојаглероден развој, што исто така можат да придонесат во нивната ефикасност и профитабилност.
Отпочнувањето на проектот беше организирано под Регионалната иницијатива на ФАО за одржливо управување со природните ресурси, во координација со Кабинетот на потпретседателката на Владата задолжена за економски прашања.