Амбасада на Италија и УНИЦЕФ: Младите се подготвени да се приклучат кон глобалната конференција за климатски промени

Од:

Неделава, во периодот од 28 до 30 септември, Италија – копретседавач со Обединетото Кралство на Конференцијата за климатски промени КОП26 – ќе биде домаќин на настанот „Youth4Climate – Driving Ambition (Младите за климата – предводници на амбицијата)“ во Милано, на кој ќе се соберат 400 млади од сите земји во светот. Двајца младински делегати – Ангела Бушеска и Насер Велиу – се избрани да ја претставуваат Северна Македонија.

“Средбата „Младите за климата – предводници на амбицијата “ во Милано е дел од процесот на вклучување на младите, кој започна во 2019 година, со поддршка од Италија. Таа претставува шанса младите да предложат идеи и конкретни активности за решавање на климатските промени“, рече Н.Е. Андреа Силвестри, амбасадор на Италија во Северна Македонија. „Денес, климатската стабилност е глобално заедничко добро и нејзиното зачувување подразбира одговорност на сите: владите, фирмите, луѓето“, посочи тој. „Не се работи само за обврски, инвестиции и нови технологии. Потребен е голем културен скок, па затоа се толку важни младите генерации. Зашто утрешниот свет им припаѓа ним“.

„Климатската криза е криза на детските права. Таа претставува невидена закана по здравјето, исхраната, образованието, развојот, опстанокот и идниот потенцијал на сите деца. Исто така, претставува критично прашање меѓу младите. Во сите консултации што ги имавме со младите во земјава, климата и животната средина, заедно со квалитетното образование и квалитетот на животот, се најважни за нив“, рече Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ. „Младите не само што бараат акција – тие и самите се активни. Ние сме должни да создадеме простор за да се чуе нивниот глас и да ги вклучиме во покренување на решенијата“.

Младинскиот настан во Милано ќе ѝ претходи на 26-тата Конференција на страните на ОН за климатски промени (COP26) во Глазгов. Првите два дена ќе бидат посветени на изработка на глобална декларација, додека последниот ден ќе се одвива дискуција за декларацијата меѓу младинските делегати и министрите што ќе присуствуваат на Претконференцијата (Pre-COP26), што ќе се одржи во Милано од 30-ти септември до 2-ри октомври, овозможувајќи да се чуе гласот на младите на политичко ниво.

„При подготовките за Милано, користевме разни алатки како што е У-Репорт за да ги собереме мислењата и дознавме дека младите во нашата земја се желни да преземат климатска акција и да го кренат својот глас локално и глобално. Заедно со УНИЦЕФ, потпомогнавме процес во кој младите од целата земја ги споделуваа ставовите за да придонесат кон нацрт-текстот на „Младинската климатска декларација“, рече Ангела Бушеска, младински делегат од Северна Македонија. „Декларацијата опфаќа четири клучни теми: креатори на национални и локални политики, одржливо закрепнување, иновации и мода и климатски свесно општество. Овие гледишта ќе ги понесеме во Милано, за гласот на младите од нашата земја да влијае врз глобалните одлуки на Самитот за климатски промени (КОП) во Глазгов“.

Во процесот на собирање мислења од младите при подготовките за настанот во Милано, одразени се и наодите од младинските консултации „Преосмисли ја иднината“, спроведени од УНИЦЕФ и Кабинетот на претседателот Пендаровски. Климатските промени, каде спаѓаат и заштитата на животната средина, загадувањето и урбанистичкото планирање, предизвикуваат најголема загриженост кај младите во земјата, заедно со образованието и менталното здравје.

По „Младите за климата – предводници на амбицијата“ во Милано и пред КОП26 во Глазгов, УНИЦЕФ во Северна Македонија заедно со италијанската, шведската и британската амбасада, ќе го поддржат националниот „Младински климатски самит“ во Скопје под водство на младите, со цел младите потоа да се вклучат во доработка на младинската климатска декларација и во дијалог со државните претставници.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Климите од Арсовска ги нема: Граѓаните на плус 40 се возат со отворени врати

Орце Костов

Еуметсат лансира нов европски метеоролошки сателит

Ана Ололовска

Тимерманс: Без одлука наместо лоша одлука на КОП27

Ана Ололовска

Светските музеи изразија загриженост по нападите на климатските активисти

Ана Ололовска

Климатолозите тврдат дека летниот мраз на Арктикот ќе исчезне до 2050 година

Ана Ололовска

Нов извештај на СМО: Температурите во Европа растат двојно побрзо од остатокот од светот

Ана Ололовска