Три нови разговори меѓу носителот на пратеничка листа од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев и ексминистерот за транспорт и врски, а сега обвинет во повеќе случаи покренати од СЈО, Миле Јанакиески се објавени на мрежата „Јутуб“. Разговорите се именувани како „Да ги е** лифтовите“, „Да се јавиш да пријават дефекти нашите да нема струја“, „Не не сакаат“.
Во првиот разговор, се зборува за исклучување на лифтови во згради. Ваква метода се користеше на денот на гласањето на локалните избори во 2013 година, за што сведочеа и самите граѓани. Од снимката се слуша како Јанушев објаснува дека ако ги исклучат лифтовите, „нашите ми е страв дека нема да можам да ги изнесам“.
„Со Милош се слушам неколку пати“, му вели Јанушев на Јанакиески, кој го препрашува: „Со кој?“, а Јанушев повторно одговара: „Со Милош“, а Јанакиески враќа: „Добро“. Јанушев објаснува: „Вика не знам што да правам со лифтовите“, на што Јанакиески враќа: Нека ги е*ат брат“, а Јанушев дообјаснува: „Вика, нашите ми е страв дека нема да можам да ги изнесам без лифт. Он вика Вуиќ ми шета со кола, цело време не сликаат“, по што Јанакиески вели: „Еее сега го сликаат, сега се уплашил он. Нека ги е*е или нека остани покасно кога да ги е** сега. Тој треба да знај, затоа е координатор таму.
И во вториот објавен материјал се слушаат Јанушев и Јанакиески, овојпат, како се договараат да се пријават дефекти со струја во точно одреден термин, на точно одредени адреси.
„Ти се слушаше со овие координаторите што треба…“, му вели Јанакиески на Јанушев, кој враќа: „Јас вчера со… адресите и ги пратив на Рада да му ги прати на Спиро“, по што Јанакиески допрашува: „Ама ги знаеш луѓето од кои ги собираше, така?“, а Јанушев одговара: „Да“. Јанакиески објаснува: „Е сега, на тие луѓе да му се изјавиш“, Јанушев кратко одговара: „Добро“, а Јанакиески продолжува: „Утре меѓу 6 и 7 да се јават во ЕВН“, а Јанушев повторно одговара: „Добро“, по што Јанакиески додава: „Да пријават дефект, сега ќе ти го пуштам бројот“.
Во третиот разговор, Јанушев запрашан што му е заклучокот од изборите, констатира „Дека не нè сакаат и Владо не го сакаат“.
„Што ти е заклучокот од избориве?“, прашува Јанакиески, а Јанушев одговара: „Дека не нè сакаат. И Владо не го сакаат. Владо не го сакаат. И плус општинскиов е тапа“.
Снимени разговори меѓу Јанушев и Јанакиески беа објавувани и изминативе денови. Вчера беа објавени пет снимки во кои се зборуваа за организирање на чартер летови, за како што се слуша, „за нашите“, начинот на нивно плаќање, а во посебен фајл и за уништување на документи. Претходно, беа објавени нови два разговори именувани како „Јанушев ќе ги убијам“ и „Партиски списоци на ДПМНЕ за Телеком“. Во посебно објавени разговори, Јанушев и Јанакиески зборуваат и за „списоци бележени како МИОА“.
И натаму не се знае потеклото на овие снимки и кој ги објавува на мрежата „Јутуб“ на повеќе новокреирани канали. СДСМ веќе поднесе кривична пријава до Обвинителството за сите објавени „бомби“ за нив, но и за ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на кампањата до сега.