Јанушев и Јанакиески договараат летови од Италија и Швајцарија „за нашите“: На „Бетон“ пушти му го тоа да плати

Од:

На јутуб каналот „Обнова на режимот“ и натаму се објавуваат снимки од разговори меѓу носителот на пратеничката листа во изборната единица три, Игор Јанушев и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Утрово на каналот има пет нови снимки, именувани како „Јанушев 4 чартер летови за ДПМНЕ“, „Резервирајте ако треба и празен нека биде“, „Јанушев и Миле 190 илјади евра Бетон да плати“, „Цени да ги вратат недела попладне“, „Уништување документи Игор Јанушев“. Во првиот разговор се слуша договор за организирање на летови, за како што велат „нашите“ од Италија и Цирих.

„Дај бе јави се кај некој, четири чартер летови да обезбедиме“, му вели Јанакиески на Јанушев кој одговара: „Кај кого бе шефе да се јавам“?, а Јанакиески продолжува: „Со некои агенции, не знам. Три Италија, Тревизо и еден Цирих“, по што Јанушев прашува: „За нашиве? Италија, Тревизо?“, а Јанакиески вели: „Аха. Да видиме колку пари чини“. Јанушев понатаму му кажува на Јанакиески: „Да пробам преку на …Ивановиќ сестра и?“, а Јанакиески одговара: „Пробај ајде“..

Во вториот разговор, се зборува за тоа колку ќе изнесува цената за да се резервираат авионите, но и колку патници ќе можат да пренесат. Во дел од разговорот, Јанакиески му дава насока на Јанушев да резервира втор авион па дури и да биде празен, но е изненаден кога Јанушев му кажува дека тоа е ќе чини 150 илјади евра и му кажува да се јави во ‘Виз ер’.

Во разговорот, Јанушев вели: „Шефе, значи максимум еден може да прими 180. Ристе и рекол на Рената дека 260 биле сега но бројката ќе расте. Ние немаме ни фиксна бројка. Ако е 180 … авион, не разбирам како, невозможно е… да се направи оваа операција“, а Јанакиески одговара: „Игор вие резервирајте два авиони, ако треба вториот празен нека биде. Ајде“. На ова враќа Јанушев: „Шефе тоа се плус 115, плус … 150 илјади евра“, а Јанушев прашува: „Што?“ и добива одговор од Јанушев: „Е шо. Толку.“. Понатаму, Јанакиески прашува: „Што бе 150 илјади евра? …“ и добива објаснување од Јанушев: „Е па втор авион, сега да се наоѓа и бара, на еден ден, т.е. два дена пред влез со дозволи, толку кошта“. Јанакиески му вели: „Како бе? Игор јави се во ‘Виз ер’, дај јас ќе се јавам, јавете се во ‘Туркиш’“, а Јанушев му одговара: „А бе немаат слободни авиони, чартер, збориме за компании кои летаат на дневна основа по трипати“. Јанакиески повторно вели: „Барајте видете ајде. Побарајте ајде“, а Јанушев враќа: „Е, најлесно е побарајте. Бараме“. Јанакиески со повишен тон вели: „Па ако сакаш јас да барам, што да ти кажам“, по што Јанушев вели: „Ама не, значи јас гледам податоци, се мењаат цело време и сеа ти ми викаш најди втор авион“. Јанакиески продолжува: „Добро, најди за три саат, колку што ти кажав јас, оти не ме слушаш? Три саат Тревизо, 120 Швајцарија. Толку. Зошто не ме слушаш?“, а Јанушев му одговара: „Вчера ти ми рече последна бројка 260 со 100. Пишано ми е“, па продолжува Јанакиески: „Кој тоа?“, а Јанушев вели: „Ти ми кажа. На порака ми го пиша, ќе ти ја форвардирам назад сега“. По ова, Јанакиески: „Е паа добро, толку се. 260..“, а Јанушев му враќа: „Е па не се, 260 ги имаат до денес. Ристе рекол бројката расте, ќе дојдеме над 300“, по што Јанакиески вели: „Не ме интересира, мене Ристе толку ми рекол. Ако не можам да најдам ќе си.. Ти најди за толку, ајде“.

Во третиот разговор Јанакиески и Јанушев споменуваат дека вкупната цена за летовите ќе биде 190 илјади евра. По ова, Јанакиески дава насока „На ‘Бетон’ пушти му да плати“.

„Шефе, Цирих-Охрид-Цирих. Значи од Цирих… 60 илјади евра со едно одење. Тревизо-Охрид-Тревизо, пошто се 260 луѓе, еден авион треба на две тури да ги однесе по 130-140 луѓе. Тоа е 130 илјади евра. Вкупно е 190 илјади евра. Шо да праам, јасно и гласно?“, вели Јанушев, а Јанакиески му одговара: „На ‘Бетон’ пушти му го тоа на мејл и да плати“, на што Јанушев има прашање: „Дали знае некој таму за да не..“, а Јанакиески додава: „….. Трајче што ти пуштил“. Јанушев понатаму вели: „Значи јас да направам букирање и да и кажам на Рената да се пуштат фактурите кај мене, јас да ги препратам?“, по што Јанакиески одговара потврдно, а Јанушев вели: „За интернетов не ми кажа кој да …“, на што Јанакиески му посочува: „Види со Ирена, ајде“.

Во посебна снимка објавена на истиот „Јутуб“ канал се зборува за термините кога ќе ги донесат патниците, а кога да ги вратат назад.

„Уште една работа, што скроз ја заборавив кога ми ги дадоа овие цени. Овие цени се да ги донесат во недела сабајле, да ги вратат недела попладне“, му вели Јанушев на Јанакиески кој враќа: „Добро де, тоа е тоа“. Јанушев продолжува: „Добро ти ми рече сабота попладне да ги донесат.. Ќе ни рипне цената. Океј е?“, а Јанакиески вели: „Да“.

Во последниот разговор, Јанакиевски го прашува Јанушев дали средиле се со документите и картите на што Јанушев одговара „Да, да, средивме се, кај Наде ги оставивме, требаше да ги уништат, сега не знам денеска утре кога ќе ги уништуваат“.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе тужба за Спасовски и барање за обесштетување на граѓаните поради непотребните финансиски трошоци за издавање на личните исправи на граѓаните кои несовесно биле издавани

САД: Евакуација по добиени дојави за поставени бомби

Неколку училишта и некои институции во Белград утринава добија дојави за поставени бомби

Дојави за бомби во неколку белградски училишта

Во Франција: Шест аеродроми се евакуираат истовремено поради закани за бомби

Фрлени се три бомби врз три српски куќи на Косово

Горан Наумовски