Утре (вторник) на пладне во паркот пред Културно-информативниот центар во Скопје ќе се одржи онлајн промоција на најновата прозна книга „Парадоксикон“ од Томислав Османли. Книгата, која го привлече вниманието на книжевната јавност, ќе ја промовира Проф. Д-р Кристина Николовска.
Книгата што го носи необичниот наслов „Парадоксикон“, со поднаслов „фантазии, очудувања, каприча, фарси и гротески, парадокси во проза“ е најновата, дваесет и осма по ред објава на писателот Томислав Османли. Нејзините дванаесет, главно долги прози, се фокусирани на современата отуѓена стварност.
– Авторот на „Парадоксикон“ ги открива гротескните и фантастични суштини на современото секојдневие соголувајќи ги актуелните начини на отуѓување – вели писателот и издавач Глигор Стојковски и додава – „Османли живописно, комично и едновремено горчливо говори за деперсонализацијата, егоизмот, сексизмот, меркантилноста, профитерството, социопатијата, консумеризмот…поконкретно – за парцијализираното, некомплетно, осиромашено, на пати и крајно извитоперено, тажно „човекување“ на индивидуата во современото пред сѐ наше, но и универзално општество.“
Промоцијата во КиЦ ќе биде проследена со музичка изведба на познатиот пијанист Глигор Гелебешев, а програмата ќе ја води Марија Богоеска. Свое обраќање ќе има и авторот Томислав Османли. Настанот ќе се пренесува по пат на стрим во живо на Фејсбук-страницата на КИЦ-Скопје.