Новороденче од Индија било продадено на социјалната мрежа Фејсбук за 11.300 евра, што и овозможи на полицијата да ја разоткрие мрежата за шверц на деца. Машкото бебе, родено во болница во Лудхиана во северната индиска држава Пенџаб, било двапати продадено пред склучувањето на зделката на социјалната мрежа.
Според полицијата, прво дедото го земал детето од својата ќерка, на која и кажал дека тоа се родило мртво, со цел да го продаде на медицинска сестра за 45.000 рупии (637 евра). Таа, пак, го продала новороденчето за 300.000 рупии (4.250 евра) на помошник во болничка лабораторија, кој го понудил на продажба на Фејсбук. По објавените фотографии на Фејсбук, бизнисмен од Њу Делхи понудил за момчето 800.000 рупии (11.300 евра).
Полицијата извршила претрес во домот на бизнисменот и го пронашла бебето. Исто така, биле уапсени уште пет лица, меѓу кои дедото и уште еден маж, кои се обвинети за соработување при зделките.
Се претпоставува дека десетици илјади деца во Индија секоја година стануваат жртви на шверц со луѓе. Ова е прв случај на шверц со деца во оваа земја преку социјалните мрежи.