Институтот за јавно здравје на Белгија ги мери и психолошките последици од кризата со коронавирусот и од рестриктивните мерки врз населението, а заклучоците се загрижувачки.
Осум проценти од луѓето, или приближно секој дванаесетти Белгиец „сериозно“ размислува да посегне по сопствениот живот во последните три месеци, а околу 0,4 проценти се обиделе да се самоубијат, открива студијата на Институтот.
Анкетата е спроведена од 28 мај до 3 јуни врз примерок од 34.000 испитаници.
Институтот заклучува дека социоекономските импликации од кризата имале најголемо влијание врз населението.
Па така, 22 отсто од населението бележи влошување на својата финансиска состојба од почетокот на кризата, а со најголеми тешкотии за плаќање фактури се соочиле самохраните родители привремено невработени.
Секој десетти Белгиец стравувал дека ќе остане без храна, а сличен процент од испитаните не можеле да си дозволат здрава исхрана.
Пет отсто од населението навистина се соочило со недостиг на храна, велат од Институтот.
Од анксиозност и депресија се најпогодени белгиските граѓани кои живеат сами, како и самохраните родители.
Психолозите и психотерапевтите исто така констатирале поголеми суицидни тенденции кај своите пациенти.
„Кревкоста на безбедносните системи, банкроти, губење работи, светот што се менува, сето тоа може да предизвика неизвесност, анксиозност и страв од колективна или лична пропаст,“ порачуваат од Центарот за превенција на самоубиства.