Со алатка за анонимно пријавување притисоци за време на изборната кампања, министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски го честиташе меѓународниот Ден на јавниот сектор. Вработените во јавниот сектор преку алатката објавена на веб – страницата на Министерството имаат можност да пријават ако некој им врши притисок.
„Ако некој им врши притисок во работниот процес за време на изборнаѕа кампања, вработените во јавниот сектор можат тоа да го пријават, а Министерството за информатичко општество ќе ги проследи сите пристигнати пријави. Јавниот сектор мора да работи без притисоци и без да биде во служба на некој друг, заробената држава е минато“, рече министерот Манчевски.
Пријавите може да се поднесуваат анонимно, но доколку некој сака да ги остави и податоците министерот Манчевски вели дека тие ќе бидат заштитени.
За алатката за пријава на притисоци за време на кампања Министерството веќе имало координација до Државната комисија за спречување корупција, со Народниот правобранител,со Агенцијата за вработување и сите засегнати институции.
Министерот Манчевски објасни дека ова е нова алатка со посебна наменеа за време на изборната кампања, различна од досегашната алатка каде што администрацијата можела да пријави притисоци и каде што, со еден исклучок кога имале 10 пријави, бројот на пристигнати пријави бил едноцифрен и биле несоодветни оти се однесувале на приватниот сектор.