Министерот за одбрана Талат Џафери, денеска во просториите на Собранието на Република Македонија оствари средба со делегацијата на Комисијата за цивилна димензија на безбедноста на Парламентарното Собрание на НАТО, предводена од претседателот на Комисијата, лордот Џоплин.
– Ние вложуваме големи напори во мисиите на НАТО, како директни учесници. Учествуваме активно и во ЕУ Алтеа во БиХ, во УНИФИЛ во Либан и како логистичка поддршка за КФОР. Воедно процената на земјите-членки на Алијансата е дека Република Македонија ги исполни политичките, техничките и професионалните стандарди за да стане полноправна членка, истакна министерот на средбата и додаде дека како и останатите земји членки на Алијансата се соочуваме со истите проблеми – недостаток на финансиски средства, произлезени од светската финансиска и економска криза.
Министерот Џафери посочи дека и покрај проблемите во поглед на модернизацијата на опремата, Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија има капацитет да одговори на сите преземени обврски и дека и понатаму сме насочени кон одржување на достигнатите стандарди.
Осврнувајќи се на цивилниот елемент, министерот Џафери додаде дека Министерството за одбрана има добра соработка со граѓанското општество и со медиумите, за што постојат и регулативи кои поставуваат обврски за информирање на јавноста. Во контекст на рамноправноста, пак, министерот посочи дека токму денеска беше потпишан Меморандумот за соработка со UN WOMEN, базиран на почитувањето на Резолуцијата 1325 од Советот за безбедност на ООН, која заедно со останатите документи меѓу кои и Национална стратегија за спроведување на родовата еднаквост, се основа и иден поттик за почитување на родовата перспектива и еднаквоста, во случајот во однос на областа одбрана и безбедност.
На прашање на лордот Џоплин во однос на буџетирањето на одбраната, министерот Џафери рече дека целта е постигнување на еден оптимум за исполнување на задачите, нешто што досега не претставувало проблем, додека воедно посочи дека во буџетот наменет за одбраната постои недостаток на средства, што, главно се темели на големата економска криза во светски рамки.
Во однос на прашањето поврзано со информациите за етничките тензии, министерот јасно истакна дека Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија функционираат одлично и дека сиот персонал, војниците своите задачи ги извршуваат професионално и не потпаѓаат под заеднички тензии. Во тој контекст, министерот напомна дека се прават напори за спроведување на Рамковниот договор и за вклучување на помалите етнички заедници во рамките на Министерството.
Прашан за дефинирање на заканите и предизвиците со кои се соочува Република Македонија во моментов, министерот Џафери одговори дека тие, како за нас, така и во регионален контекст, не се од конвенционална природа, туку се асиметрични и бараат блиска координација на сите институции од сите земји, а како пример за соработка ги посочи заедничките погранични патроли кои се стандардни. Ниту АРМ, нема недостиг од меѓународна соработка, рече министерот, имајќи предвид дека ние сме дел од многу воени програми, вежби и заеднички обуки.
– Корупцијата не постои во својата висока форма, одговори министерот на прашањето дали постои корупција во одбраната, и додаде дека истата е поврзана со непрофесионалноста и дека Министерството ги прави сите напори, вклучувајќи ја и отворената анонимна линија за пријавување корупција, за да се анулира и демотивира појавата на таков вид однесување.
Неодамна постигнатиот договор помеѓу Србија и Косово и неговата рефлексија врз решавањето на отвореното прашање на Република Македонија со јужниот сосед, исто така беше едно од прашањата поставени на денешната средба на министерот Џафери со Парламентарното собрание на НАТО.
– Непостигнувањето на договор помеѓу Косово и Србија без сомнеж, според домино-ефект, би имало и рефлексија и во нашата земја, како и во секоја друга соседна земја. Затоа, ја поздравувам одлуката за овој договор и наша процена е дека истиот има позитивен одек и на регионално ниво, одговори министерот Џафери.
По средбата, лордот Џоплин истакна дека Парламентарното Собрание на НАТО споделува исти вредности со Македонија и дека за нив е значајно да ја видат државата како членка на ЕУ и на НАТО, стои во соопштението од прес-службата на Министерството за одбрана.