Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница донесе ревидиран Роковник за парламентарните избори за кои политичките партии постигнаа договор да се одржат на 15 јули. Членовите на ДИК уверуваат дека ќе се направи сè за заштита на граѓаните и членовите на изборните органи од ширење на коронавирусот за што тие уште денеска разговарале со здравствените власти со кои ќе изработат посебни протоколи. Ги повикуваат и граѓаните да внимаваат на своето здравје.
Роковникот е подготвен согласно владината Уредба со законска сила за изборите, со која, меѓудругото се предвидува, молкот да започне на 12 јули на полноќ, на 13 јули да гласаат лицата со Ковид-19, во изолација и самоизолација за што ќе бидат формирани посебни избирачки одбори составени од здравствени работници и претставници на партиите, а на 14 јули другите болни и затворениците кои ќе се пријават за гласање. Полнолетните граѓани на денот на изборите ќе можат да се изјаснат од 7:00 часот до 21:00 часот вечерта.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски упати апел до граѓаните дека се наоѓаме во еден интересен период пред нас, месец во којшто ќе престојат доста политички препукувања и интересни моменти, но најголавниот и најголемиот предизвик е здравствената состојба и заштитата на здравјето во овој процес.
-Дали се тоа Избирачките одбори, дали се Општинските изборни комисии, здравјето на гласачите… Ние како ДИК во соработка со здравствените власти, еве и денеска разговаравме, заеднички да изготвиме одредени правила и протоколи кои ќе обезбедат максимална заштита. Како Комисија ќе се потрудиме да обезбедиме максимална заштита на здравјето на сите кои учествуваат во нашата изборна администрација, на околу 35.000 граѓани. Ќе обезбедиме пристап до гласачките места на малку поинаков начин, рече Деркоски појаснувајќи дека тие ќе се обидат да обезбедат гласачки места со целодневно проветрување.
Претседателот на ДИК ги повикува граѓаните да имаат доверба во Комисијата и во изборната администрација и да ги следат препораките на здрвствените власти во натамошниот период затоа што е исклучително важно е за нашата држава да се гласа на изборите.
-На крајот нашата држава да биде оценета од сите набљудувачи како држава која одлично организирала во вонредни услови ваков изборен процес и тоа ќе ни биде уште еден чекор напред кон она што ние сите се стремиме, а тоа се евроинтегративните процеси кои следат есенва и понатаму, рече Деркоски.
Членот на ДИК Борис Кондарко истакна дека се размислува за зголемување на надоместоците за членовите на ОИК и ИО поради новонастанатата состојба и оти за тоа ДИК нема да има потреба за дополнителни средства. Засега ДИК, како што кажа, не може да излезе со конкретни бројки. Заштедата на ДИК е од средствата планирани за гласање на дијаспората, каде поради недоволен број пријавени нема да се спроведат парламентарните избори. Како што кажа Кондарко, членовите на ДИК нема да земат дополнителни надоместоци или додатоци, надвор од платата.
Деркоски појасни дека во касата на ДИК по овој основ се заштедени околу 40 милиони денари што ќе бидат пренаменети за реализација на активности и потреби поради новонастаната состојба со Ковид-19. Тука спаѓаат и исплатите на здравствените избирачки одбори и членовите на ОИК и ИО. Заштитните средства со Уредбата на Владата, треба да ги обезбеди Министерството за здравство.
Јавниот увид во Избирачкиот список е завршен, а тој ќе биде само надополнет согласно Изборниот законик, информираше Кондарко, кој појасни дека Комисијата во идниот период ќе донесе соодветни упатства за реализација на изборите.
-Согласно правните акти, Уредбата на Владата и решението на претседателот на Собранието, вонредната состојба трае заклучно со 22 јуни, на 24 јуни почнува официјално изборната кампања и таа трае заклучно со 12 јули, информираше Кондарко.
Граѓаните можат да се проверат во ИС на веб-страната на ДИК (sec.mk)
ДИК денеска испратила писмо до Министерството за здравство со барање до нив да достават податоци за здравствени работници по општини. За гласањето на 13 јули, ќе бидат формирани посебни здравствени избирачки одбори составени од по тројца здравствени работници и претставници од политичките партии. За ова потребно е да бидат ангажирани околу 500 здравстени работници. Лицата кои се во карантин или изолација поради Ковид-19 потребно е сами да се пријават за гласање седум дена пред денот на гласање, информираа од Комисијата.
ДИК го ревидирала и планот за едукација на ОИК и ИО, а ќе треба да се спроведе и едукација на здравствените избирачки одбори. За таа цел, членовите на ДИК ги очекуваат прецизните Протоколи на здравствените власти, кои како што кажа Деркоски, треба да бидат готови за два до три дена.
Елизабета Постолоска, член на ДИК истакна дека Комисијата и властите ќе обезбедат заштита за граѓаните и членовите на Избирачките одбори (ИО) и Општинските избирачки комисии (ОИК) и притоа ги охрабри членовите на ИО и ОИК да ја продолжат својата работа.
Јанакие Витановски беше дециден дека ДИК работи согласно законот и дека и покрај тоа што ќе имаме поразлични избори поради Ковид-19, се надева дека сите ученици во изборите ќе придонесат за фер и демократски избори.
ДИК има ангажирано Агенција која ќе направи кампања за информирање и едукација на граѓаните за начинот на гласање, согласно Изборниот законик и уредбите на Владата.
Кондарко, кој е член на ДИК од СДСМ, реагираше на, како што рече, незаконско упатство на АВМУ, со кое неосновано и се одзема правото на БЕСА за платено политичко рекламирање. ДИК нема надлежност во однос на ова прашање, но тој побара да се достави барање до политичките партии, според гласовите на последните избори, тие до ДИК да достават информација за нивниот договор за платено политичко рекламирање.
– Овие четири партии двете на власт двете во опзоцијата да не известат како се договориле да го распределат времето. Зборуваме за право на партии, не на учесници во кампањата, рече Кондарко.
Дел од членовите на ДИК се спротиставија на овој предлог на Кондарко, а Деркоски побара членовите на ДИК да разговараат за ова прашање, а потоа да носат заклучоци.