Претставникот на УНИЦЕФ за Романија, Санди Бланше изјави дека во државата е регистриран извесен напредок по однос на интеграцијата на Ромите, но постои стравување на меѓународен план дека не е доволно направено.
– Ромите и понатаму се најсиромашните и најисклучените. Осум отсто од романските деца живеат во сиромаштија, но во истата ситуација се 35 отсто од ромските деца. Седумдесет и пет отсто од децата Роми не доѓаат до осмо одделение, нагласи Бланше за време на конференција во Букурешт посветена на Ромите организирана од ЕК и УНИЦЕФ.
Советникот на премиерот за ромски прашања, Дамиан Драгич изјави дека стратегијата за Ромите е само на хартија и оти европските пари се крадат додека Ромите немаат што да јадат.
– Имаме конференции, анализи. Се среќаваме на конференции кои чинат до 50 илјади евра, а Ромите немаат што да јадат, децата не им одат на училиште, нагласи советникот на премиерот.